ДЕН НА ПЛАНЕТАТА ЗЕМЈА
Симбол на граѓанската акција
Денот на Планетата земја, меѓународен неформален празник на нашата планета, годинава ќе се прославува 31-ви пат, откако во 1970-та година, на 22 април, во САД го востанови сенаторот на Висконсин, Гејлорд Нелсон. Тогаш, во САД над 20 милиони луѓе учествуваа во различни демонстрации, маршеви, акции за чистење, трибини, дискусии и други активности чија цел беше да се покаже граѓанската свест за деградацијата на природата и нејзините ресурси, не само на локално туку и глобално ниво. 22 април оттогаш стана симбол на граѓанското ангажирање и се прославува во повеќето држави во светот.
Овој ден, исто така се смета за еден од значајните датуми кога граѓанското движење оствари тесна соработка со властите, бидејќи тоа и беше иницирано и поддржано од еден политичар кој се наоѓаше на официјална позиција. Сенаторот Гејлорд Нелсон беше еден од првите, а и денеска ретките политичари, кој ја сфати важноста на граѓанското вклучување и на невладините организации, како и важноста на проблемот на деградацијата на нашиот глобален дом. Тој беше инспириран за организирање на кампањата за планетата Земја откако првпат ја виде снимката на нашата сино-зелена планета направена од астронаутите на вселенската мисија "Аполо" во 1968 година. Негови зборови, искажани подоцна, беа:
"Во тоа време, постоеше голема граѓанска раздвиженост во врска со војната во Виетнам. Антивоени протести беа организирани во целата земја. Се досетив дека би можеле да организираме национална кампања за животната средина. Новинските агенции ја раширија идејата, а одзивот на граѓаните беше повеќе од очекуван. Денот на планетата Земја го оствари тоа за што се надевав. Целта беше да се демонстрира националната грижа за животната средина, која ќе иницира позитивна реакција од политичката арена".
М.Иванова
|