ЕЛСА
Дипломатија и дипломатски вештини
„Дипломатија и дипломатски вештини - мирно решавање на конфликти“ беше тема на конференцијата која се одржа од 17 до 20 април годинава во Охрид, во организација на Европската правна асоцијација на студенти. - Сметаме дека во нашава држава не постои доволна информираност, посебно кај младите, за прашања на оваа тема. Токму актуелноста на дипломатијата и напорите за мирно решавање на конфликтите во земјава, беше причина да организираме семинар на оваа тема - вели Маја Камбовска од ЕЛСА.
На семинарот учествуваа 60 студенти од правни и политички студии од повеке земји - Македонија, Србија, Косово, Грција, САД, Романија, Швајцарија и Норвешка.
Од шеесетте учесници, триесет се од нашата земја. Учесниците имаа можност да слушнат предавања од истакнати дипломати, меѓународни претставници во земјава и професори на кои, пак, можеа да им поставуваат прашања. Свои излагања на конференцијата имаа: Џорџ Едгард, амбасадор на кралството Велика Британија, Александар Милошевиќ, амбасадор на Република Хрватска, проф. д-р Татјана Петрушевска од скопскиот Правен факултет, Ерик Паул, висок офицер во НАТО, Бил Халог, претставник на УСАИД и други.
Камбовска вели дека,поради актуелноста на темата постои интерес и понатаму да се продолжи со вакви и слични активности.
Е. Нурединоска
|