ЕКО-МИСИЈА
Заштита и ревитализација на Водно
Еколошкото друштво „Еко-мисија“ на 15 мај годинава, организира Тркалезната маса за заштита и ревитализација на планината Водно. Беше речено дека е потребно редефинирање на одлуката за прогласување на планината Водно за парк-шума, која е застарена (донесена е во 1976 г.). Во тек е изработката на Локалниот еколошки акциски план (ЛЕАП) за Скопје, во чии рамки треба да се најде и заштитата и ревитализацијата на Водно.
- Министерството за шумарство, земјоделство и водостопанство се приклучува кон иницијативата. ќе извршиме заштита од штетници, а шумската полиција ќе преземе активности во нејзиниот домен, изјави г. Пејо Тодевски од ова министерство.
Стручни излагања имаа претставници од Градот Скопје, од Проектната канцеларија на ЛЕАП на Градот Скопје, од Агенцијата за млади и спорт на РМ, од ЈП „Паркови и зеленило“, од ЈП „Македонски шуми“, од шумарскиот факултет, од Природно-математичкиот факултет и од еколошки друштва од земјава. Иницијативата на ЕД Еко-мисија за изработка на Стратегија за заштита и ревитализација на планината Водно е вклучена во делот на еколошката акција „Младите за здрава животна средина“ на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Д. М.
|