ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА "ДАРХИЈА"
Денови на ромската култура
Ромскиот културен центар Дархија, од Скопје, од 25 до 27 февруари годинава, организира "Денови на ромската култура", под мотото "Стасај го времето". Трите дена, низ неколку локации во Скопје, поминаа во дружење, забава, игра, меѓу Ромите и гостите што учествуваа на оваа манифестација, преку добро организирана клултурно-уметничка програма. "Деновите" беа отворени за сите. Манифестацијата започна на 25 февруари во Младинскиот културен центар (МКЦ), со настапите на фолклорните ансамбли КУД "Гоце Делчев" - фолклорна група "Тернипе" од Делчево, КУД "Роми" од Берово, како и со настапот на Уметничката асоцијација на Ромите од Куманово.
Другиот ден, во просториите на МКЦ, во изведба на Ромскиот театар од Куманово, премиерно беше прикажана драмата "Чирклја" (во превод "Птици"), на режисерот Орхан Јашаровски. Драмата беше адаптација на "Полковникот птица", од бугарскиот режисер Христо Бојчев.
Третиот, последниот ден, во Музејот на град Скопје, Дархија организира изложба насловена како "Ромите во минатото", каде беа експонирани стари фотографии и предмети од ромското минато. "Деновите" завршија со музичко-поетска вечер, со стара убава ромска песна. Целта на манифестацијата беше меѓусебно дружење и подобро меѓусебно разбирање и запознавање на Ромите, но и на сите, воопшто. За Дархија овие се први "Денови на ромската култура" за кои се надева дека ќе прераснат во традиционални.
Д.Медароски
|