А.М.А. ВАН АРДЕН - ВАН ДЕР ХОЕВЕН:
БЕЗ СИЛЕН ПРИВАТЕН СЕКТОР НЕМЕ ОДРЖЛИВ ЕКОНОМСКИ СЕКТОР
Договорот за финансиска поддршка на Стратешкиот план на МРФП за 2002-2006 година беше потпишан со министерката за развојна соработка на Кралството Холандија, г-ѓа А.М.А. ван Арден - Ван дер Хоевен. Еве што таа изјави по тој повод:
“...Програмата на Македонската развојна фондација за претпријатија се надоврзува во голема мера на моето размислување за развојот на приватниот сектор: двостран приод за подобрување на пристапот до ресурсите (заеми) и за подобрување на погодната средина за развој на бизнисот. Приватниот сектор - претприемачите - се од суштинско значење за стимулирање на развојот на сиромашните земји. Без силен приватен сектор, нема да постои ниту одржлив економски развој, ниту пораст, ниту, пак, намалување на сиромаштијата. Програмата на МРФП го прави токму тоа: го проширува пристапот до заеми, им овозможува на претприемачите да развијат бизнис активности, обезбедувајќи притоа вработување, пораст и богатство. Ме радува што гледам дека вашата програма не се фокусира само на пристапот до кредитирање/заеми, туку и на развој на претприемништвото и бизнис-вештините. Приватниот сектор не може да се развива без добро обучени бизнисмени - мажи и жени. Како што сфатив, вашата програма го прави тоа преку обезбедување нефинансиски услуги. Примери: обука за основните бизнис концепти, како на пример бизнис циклус, помош при изготвување на бизнис планови, помош при аплицирање за заеми итн. Нов елемент на програмата на МРФП е тоа што нејзините нефинансиски услуги се насочени и кон понуда и кон побарувачка на заеми. Не се обучуваат само земјоделци и мали бизнисмени: поддршка и обука им се дава и на финансиски институции и на нивните вработени (Комерцијална банка и Организација за микро финансирање “Можности”). Бизнисот не функционира во вакуум. Правната и институционалната рамка на државата значително влијаат на способноста на претпријатијата. На претприемачите треба да им се даде моќ да влијаат на правниот и институционалниот развој во државата. Конечно: токму тие го генерираат економскиот развој, вработувањето и богатството. Мило ми е што гледам дека вашата програма предвидува активности кои имаат за цел да го постигнат токму ова: да се влијае на власта/владеењето преку застапување и лобирање. Намалувањето на сиромаштијата треба да биде насочено кон областите каде сиромаштијата се чувствува најсилно. Селските средини се најчесто најсилно погодени од сиромаштијата. Охрабрувачки гледам на фактот што програмата на МРФП ги насочува своите финансиски и нефинансиски услуги токму кон тие рурални средини. Слично на тоа, многу е важно тоа што програмата вклучува подеднакво и жени претприемачи, како и претприемачи од малцинствата. Соработката со МРФП започна во 1998 со мојот претходник. Тогаш, Холандија инвестираше сума од 4 милиони евра. Изгледа дека постои согласност меѓу експертите за микро финансирање дека организациите од понизок ранг се непрофитабилни. Ме радува тоа што МРФП се покажа како позитивен исклучок од правилото. Во текот на изминатиот период, таа постигна оперативна одржливост и целосна донирање на средствата наменети за финансиски и нефинансиски усуги. Поради овие причини, решив да ја продолжам соработката со МРФП. Зошто да не продолжиме да се обложуваме на победничкиот тим? Во претстојниот период, ќе исплатиме дополнителна сума од 5.7 милиони евра на МРФП, со што до крајот на 2005, Холандија ќе има инвестирано вкупна сума од приближно 10 милиони евра во МРФП. Како што разбрав, толкав капитал е потребен за функционирање на банка од среден ранг во Македонија. Се надевам дека МРФП ќе ги задоволи нашите очекувања. Без сомнение, тие ќе го сторат тоа. Продолжете да давате пристап до финансиските услуги во области каде што не сте го правеле тоа досега, како и до други здруженија/организации. Продолжете да ги развивате бизнис вештините кај новата генерација претприемачи. Со нетрпение чекам да видам во која насока ќе се развива МРФП во иднина и какви нови услуги и финансиски производи ќе усовршува. Ви посакувам многу среќа во овие ваши настојувања.”
РАДМИЛА ШЕЌЕРИНСКА:
Партнерствотот меѓу владиниот, невладиниот и деловниот сектор може да даде силен импулс на развојот
На потпишувањето на Договорот за поддршка меѓу МРФП и Владата на Кралството Холандија, гостинка беше министерката за евро-интеграција во македонската Влада, г-ѓа Радмила Шеќеринска. Таа, меѓу другото, го рече следново, обраќајќи им се на присутните: “...Ова претставува еден од најуспешните примери за соработка меѓу невладиниот сектор и странските донатори. Се работи за успешен проект и потврда за тоа е што е овозможено негово зголемување, а особено е значајно што тоа е постигнато во ненајповолни услови на работа. Второ, овој потфат и оваа програма вреди да се поздрави затоа што носител е една невладина организација од Македонија, што особено не радува како Влада, бидејќи сметаме дека капацитетот на нашите невладини организации и во иднина треба да расте и дека тој раст може да се докаже само доколку нивното поле на работа станува с$ пошироко, само доколку тие почнат да се справуваат и работат во доменот на најгорливите проблеми од општеството. Трета, а можеби и најголема причина поради која ми претставува чест и задоволство да го поздравам потпишувањето на овој договор, е самата цел на проектот, а тоа е поддршката на микро и мали претпријатија, со најголем ефект врз намалување на сиромаштијата и вработувањето. Свесни сме дека во решавањето на овој проблем мораме да се базираме врз разни типови на партнерства. Сметаме дека партнерството помеѓу владиниот, невладиниот и деловниот сектор е она кое може да даде силен импулс на ваквиот тип на развој. Ова во потполност коинцидира и со приоритетите на македонската Влада – а тоа е борба против сиромаштијата и борба за отворање нови работни места, приоритети кои ќе бидат и краткорочни, но и долгорочни приоритети и цели со кои ќе се соочи и македонската држава и ние сите како носители на функции. На крај, меѓутоа подеднакво важно, ми претставува особена чест што можам да поздравам проект којшто е помогнат од страна на холандската Влада. Доколку зборуваме за Холандија како донатор во Република Македонија, времето никогаш не е доволно. Се работи за држава која е наш најголем донатор и тоа во сите области. Затоа би сакала да кажам дека и македонската Влада и македонската држава тоа го знае и особено го цени. Одговорни политичари или оние коишто мораат да носат одговорни одлуки знаат што значи да се оправдаат средствата коишто ги добиваме од даночните обврзници. Дотолку повеќе ја цениме континуираната поддршка која ја добиваме од страна на Холандија и затоа дозволете ми и во мое лично име, и во име на македонската Влада да & се заблагодарам на госпоѓата Ван дер Хоевен и да ја замолам таа благодарност да ја пренесе и до холандската Влада и до граѓаните на Холандија. Кога вложуваат во вакви проекти, убедена сум дека и тие веруваат дека оние на кои денес им помагаат, на Република Македонија, на нејзините граѓани, на нејзините деловни субјекти, ќе се појават како современи и успешни деловни субјекти на европскиот пазар. Нашиот интерес и крајната цел се идентични – од една страна, Европа на диверзитет, но во истовреме и Европа на просперитет и на еднакви можности, во која Европа и Република Македонија сака и мора да го заземе своето место. Конечно, би сакала да ви посакам успех и да го изразам нашето уверување дека кога ќе се сретнеме следниот пат, при завршувањето на проектот, во 2005 година, тоа ќе го сториме со задоволство, во една многу поповолна економска и политичка ситуација и како држава поблиску до Европа. Дотогаш и вам како невладини организации и нам како Влада ни претстои многу предизвик и работа, но и надеж дека овие наши напори и овие наши заеднички проекти ќе бидат успешни.”
|