|
ТЕМА ЗА ДЕБАТА
Дали граѓанските здруженија се доволно застапени во медиумите?
Прашањето за отворената дискусија на Форумот на нашата веб-страница www.graganskisvet.org.mk или www.civicworld.org.mk за овој месец гласи: Дали граѓанските здруженија се доволно застапени во медиумите? Досега, веројатно, се имате запрашано дали вашата организација била доволно застапена во медиумите, пишаните или електронските, или дали воопшто била на некој од медиумите? Или, пак, колку вие сте забележале како некои медиуми го покриваат овој сегмент од општеството? За работата на граѓанските здруженија, за транспарентноста и за популаризацијата на истите, секако дека е тоа неопходно. Здруженијата на граѓани и фондации имаат потреба од една ваква популаризација, зашто нивната работа е насочена кон задоволување на дел од потребите на граѓаните, и тоа оној дел каде што владините институции не задираат. Ги очекуваме вашите ставови и размислувања на оваа тема, со вашето полно име и презиме. Во наредниот број ќе објавиме дел од оваа интернетдебата и ќе го поставиме наредното прашање, а во овој ви ги објавуваме размислувањата на дадената тема на двајца наши колеги:
Лилјана Алчева: Иако во последно време медиумите почесто информиораат за работата на овие организации, за разлика од порано, мислам дека има место за зголемување на застапеноста на граѓанските здруженија во медиумите. Задоволна сум што тоа се движи во добар правец, особено од сознанијата дека одредени медиумски куќи дури имаат ангажирано дел од персоналот да ја следи работата на НВО сектор. Мислам дека ова зголемување на застапеноста на НВО во медиумите се должи на зголемената соработка на граѓанските здруженија со владините институции, како и на меѓусебната соработка. Сепак, ќе повторам, има место за проширување на застапеноста на невладинот сектор во медиумите.
Неда Малеска - Сачмароска: Мислам дека не се застапени во онаа мера во која залужуваат. Навистина, некои медиумски куќи имаат одредено лице што, меѓу другото, ја следи и работата на граѓанските здруженија. Но, информациите што се пласираат најчесто се сосема куси, не навлегуваат во суштината на граѓанските иницијативи, зошто тие започнале, која е нивната позадина, каде е поттикот и целта кон која се стремат. Мислам дека медиумите треба да имаат поголем удел во информирањето и доближувањето на граѓанските иницијативи до пошироката јавност.
ОД МИНАТОМЕСЕЧНАТА ДЕБАТА
Дали здруженијата на граѓани остваруваат добри односи со јавноста?
Марко Спасески: Според мое мислење, здруженијата на граѓаните си уште немаат поставено високо ниво на комуникација со луѓето. Овој мост помеѓу нив би можеле да бидат интернационалните невладини организации, преку споделување искуства.
Наташа Палоска: Една од целите на овие здруженија би требало да биде токму остварувањето добри односи со луѓето. Тие се во служба на граѓаните и секако дека остваруваат некакви односи со нив. Од моето досегашно искуство, можам да кажам дека здруженијата се трудат да остварат добри односи со луѓето, иако наидуваат на различен интерес, не ретко негативен за нив, од другата страна. Тоа можеби се должи на една предрасуда што владее кај луѓето, дека активистите на зруженијата ја гледаат само нивната материјална и друга корист од нивната активност, но всушност не се многу заинтересирани за подобрување на нештата за другите граѓани. Ова пак доведува до една депресивна состојба кај здруженијата на граѓани, така што сега е јасно дека меѓусебните односи на овие две страни не можат да се окатегоризираат како "добри".
|