БЕСТ
Млади, но со бројни идеи
Бордот на европските студенти по технологија (БЕСТ) е млада, непрофитабилна и неполитичка невладина организација за студенти, оформена во март, оваа година, во Скопје, како една гранка на организацијата БЕСТ, која е создадена во март 1989 година во Берлин. Таа беше оформена како одговор на потребата за асоцијација која ќе промовира комуникација, соработка и размена меѓу студентите по технологија низ цела Европа.
Целта на организацијата е да развијат активности со цел да им се помогне на европските студенти по технологија да станат поинтернационално ориентирани, со постигнување подобро развивање на евроспките култури и развивање капацитети за работа на интернационална база. Целта ќе ја постигнат низ активно вклучување на членовите во предизвикувачки и иновативни проекти, обезбедувајќи ги условите за нивна надградба и ставање на нивните способности во употреба.
Бидејќи се од неодамна оформени, досега БЕСТ од Скопје немал некој конкретен проект, но зеле учество на разни семинари и обуки во Париз, во Букурешт, во Атина, и др. - "Во организацијата членуваат 15 студенти, но интересот е голем, така што очекуваме нивниот број да се зголеми. Како најзначајна активност во овој период е да се подготвиме за културната размена во август оваа година, каде планираме од 10 до 15 студенти од универзитетот во Букурешт да бидат гости на нашиот универзитет. Запознавањето со нашата култура, нашите богатства, како и промоцијата на нашиот универзитет ќе трае две недели" - ни рече Марјан Закев, еден од основачите на организацијата.
БЕСТ од Скопје го очекува еден значаен настап во ноември оваа година, кога ќе аплицираат за да бидат примени како млада членка на БЕСТ. Исто така планирано е да се одржи еден стручен семинар идната година во Скопје, каде ќе бидат поканети околу 30 студенти од Европа.
Г.Шабани
|