Latest edition Contact Order by e-mail
Editorial
Events
Civil society
Education
Culture
Women
Environment
Calendar
Cover story
Reportage
Interview
Research
Views
Presentation
Publications
History of the civil society
People
Mobilization of resources
Arhive
Home
NGO Fair
2005
Events
Photo Galleries
Arhiva
Archive
Perspectives
Organizational CV
Register of Civil Organizations in Macedonia
Contact






ONLINE VERSION
PRINT VERSION

  Коментар

   

Коментар: Владимир Лазовски

Заедно за подобро општество

Разговарајќи неформално со група пријатели за состојбата и за проблемите на Ромите во Македонија, што во последните две години е предмет на мојот ангажман во невладиниот сектор, се обидував да споделам дел од моите сознанија за животот и за тешкотиите на еден дел од населението во земјава. Коментарот на еден од пријателите: “Тоа не е мој проблем, тоа е нивни проблем!”, покрај тоа што го прекинав разговорот, ме наведе на разми­слување за вредностите во нашето оп­штество.

Периодот на транзиција кон демократија и граѓанско општество во Македонија трае повеќе од една деценија. Транзиционот пат се покажа болен, трнлив и исклучително долг, барајќи од сите нас заедно, како општество, и од сите нас поединечно, како индивидуи, како граѓани, да изградиме нови вредности и да воспоставиме нови општествени односи на сите нивоа.

Во изминатиот период, во земјата се воспо­ставија основните институционални рамки за функционирање на една демократска и граѓанска држава со пазарна економија, вклучувајќи и појава и развој на невладиниот сектор.

Воспоставувањето на новите вредности е потешкиот дел од патот и, разбирливо, патувањето трае подолго и е речиси исто толку тешко и напорно, колку што е не­миновно. Отфрлањето, дури и несе­лек­тивното отфрлање, на с$ што пот­сетува на претходниот систем, беше, секако, полесниот дел од работата. Градењето нови вредности и нови односи е предизвикот пред маке­донското општество, и покрај релативно широката согласност за основните принципи и постулати на новото општество.

Всушност, вистинскиот предизвик е про­мената на свеста на граѓаните за оп­штес­твените проблеми и за сопствената улога во општеството. Промена, што, како граѓани, нема да ја направиме учејќи наизуст умни мисли и теории за граѓанското општество и демократијата, за да ги “изрецитираме” во соодветни прилики, како што некогаш сме ги рецитирале денес веќе заборавените сти­хотворби од основно училиште; туку, напро­тив, промена што ќе ја почувствуваме во нас и ќе ја примениме во сопствениот живот и во сопственото однесување. Промена што ќе не натера да сватиме дека слободата под­разбира одговорност: одговорност кон себе, одговорност кон другите околу себе и одговорност кон пошироката заедница.

Во тој процес на градење нови општествени вредности, од исклучителна важност е да се оддаде признание на позитивните примери, на пионерите кои храбро го пробиваат патот, без оглед во кој општествен сектор тие делуваат.

Трета година по ред, дел од луѓето кои се вложуваат себеси во поддршката на демо­кратските вредности, на граѓанското оп­штество и на одржливиот развој, беа заслу­жено прогласени за добитници на Наградата за граѓанско општество и демократија и на Наградата за одржлив развој, што ги доде­лува МЦМС. Наградите се резултат на нивната посветеност, на вербата во подобар свет и на способноста да ги препознаат и “туѓите” проблеми како свои. Фактот, пак, дека меѓу добитниците имаше претставници на јавниот, на државниот и на приватниот (бизнис) секторот, како и на медиумите, јасно укажува дека општествените промени може да настанат само како резултат на заедничките напори на трите сектори, на сите нас заедно.

Признанијата за вложениот труд и напорот се особено значајни, бидејќи во процесот на градење нови општествени вредности, покрај заедничкиот ангажман,  од клучно значење е и вербата во успехот. Токму тоа најдобро го илустрира претставничката на една од организациите - добитник на признание, велејќи при доделувањето на наградите: “Дозволете ми да ви се обратам како прва меѓу еднаквите од оние жени коишто несомнено имаат иста верба, која н$ спојува веќе три години. Една верба дека во Маке­донија може да се живее и поинаку и поубаво, и подобро…” (Лилјана Поповска од Маке­донското женско лоби).

Промовирањето на проактивен пристап во решавањето на проблемите на заедницата и на вербата дека заедничките цели можат да се постигнат е еден од главните предизвици на невладините организации во наредниот период. Граѓанските организации треба упорно да подаваат рака за партнерство на државните институции, на приватниот сектор, на медиумите, на граѓанинот, за сите заеднички да ги вратиме оптимизмот и вербата дека можеме.

Општеството е една голема заедница, во која проблемите се поврзани како систем на сврзани садови. Она општество кое не може да смогне сили да се справи со марги­нализацијата и нетолеранцијата внатре во себе, кое не почива на демократски и хумани вредности, не може никогаш да стане просперитетно граѓанско општество.

Затоа, проблемите на Ромите, проблемите на невработените, проблемите на стечајците, на лицата со посебни потреби, проблемите на социјално загрозените семејства на жените, на земјоделците, на велешани, на учениците и студентите, на … се наши проблеми. Само со идентификување со реалните проблеми и потреби, само со заедничко разбирање и заложби ќе успееме да ги надминеме теш­котиите и да изградиме подобро и посреќно општество, базирано на личниот интегритет, слободата и одговорноста на граѓанинот.

За доброто на сите нас заедно и на секој од нас поединечно.

Се надевам дека разговорот што го споменав на почетокот од текстот наскоро ќе биде продолжен.

Владимир Лазовски

Линкови
Граѓански организации и фондации
Медиуми
Институции
Регион и свет
Странски организации и претставништва во РМ
Сервиси
Огласи за обуки
Слободни работни места
Конкурси
























News
Број 28 Јуни 2003
Балкан експрес
Европа
Свет
Публикации
Луѓе
Историја на граѓанското општество
Тема
Избор
Форум
Коментар
Концепти
Појмовник
Погледи
Настани
Q&A
Представување
Интервју
 

©MCMS - designed by KOMA