Календар
3 октомври
Светски ден на детето
Овој ден е посветен на најважните суштества на светот, децата. Меѓународниот ден на детето, востановен од УНИЦЕФ, има за цел да ги промовира детските права и да пропагира создавање што подобри услови за растење, развој и образование на најмалите граѓани. На овој ден мораме да се потсетиме дека за жал, не секаде децата ги уживаат сите права зацртани со Конвенцијата за правата на децата. Ова се однесува и на нашата држава, каде многу деца живеат во сиромаштија, без можности за соодветно образование, здравствена заштита и безгрижен раст, експлоатирани, малтретирани и злоупотребувани.
4 октомври
Ден на заштита на животните
Ниту животните немаат секаде можности за живеење во склад на нивната слободна природа. Многу животни, и домашни и оние во дивината, се загрозени од човекот и неговите себични потреби. Пред сe, тука треба да се споменат проблемите со кучињата и мачките-скитници, животните кои се експлоатираат и преку кои се остварува профит, како и проблемот на загрозеноста на многу животински видови поради загадувањето на животната средина и деградацијата на нивните природни живеалишта.
4-26 октомври
Курс за лидерство
Во текот на октомври 2003 година, Нансен дијалог центарот од Скопје организира курс за развој на лидерство, кој ќе се одвива и во текот на ноември и декември, годинава. Ќе бидат опфатени темите „Комуникациски вештини и градење тим“, „Организациски менаџмент, хумани ресурси и управување со волонтери“, „Интеркултурно учење и управување со различности“ и други.
310-11 октомври
Обука за менаџери на изборен процес
Нансен дијалог центарот организира семинар во Скопје, чија целна група се активисти од младинските организации на политичките партии во Република Македонија. Обуката ќе биде спроведена на тема менаџерство на изборен процес, а ќе ја водат тренери од младинските организации на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и СП.
10-11 октомври
Да се намалат природните катастрофи
Овој ден е востановен од Обединетите нации и се прославува како меѓународен ден посветен на борбата против природните катастрофи и намалувањето на последиците од нивната разорна моќ. Земјотресите, ураганите, поплавите, големите бранови, лизгањата на земјиштата и другите природни катастрофи секоја година одземаат илјадници животи. Многу од нив се последица и на човековите активности кои предизвикуваат промени во земјиниот еколошки систем.
15 октомври
Ден за одење пеш
Меѓународниот ден за пешачење треба да го потсети современиот човек дека треба да се движи за да не заборави да оди. Во многу развиени држави во светот на овој ден се бојкотираат автомобилите, автобусите, па дури и велосипедите, и - се пешачи. Се организираат кампањи, информативни и едукативни акции, и, се разбира, прошетки во природа.
17 октомври
Во борба против сиромаштијата
На Светскиот ден за борба против сиромаштијата, секоја година се апелира за поголема социјална правда, за обезбедување основни услови за живот на сите луѓе на светот, за остварување на правото за работа и заработување од сопствениот труд. За жал, сиромаштијата, нејзините корени и последици се присутни на најголемиот дел на планетата Земја. Задача на владите, бизнис-секторот, институциите, здруженијата на граѓани и сите други субјекти е да го дадат својот придонес против глобалната сиромаштија.
24 октомври
Ден на ООН…
На денешен ден, во 1945 година во Сан Франциско, САД, беше основана светската организација на народите, со цел да работи на чувањето на мирот и безбедноста, да ја развива соработката базирана на почитувањето на начелата на рамноправност и самоопределување на народите во светот, за мирно решавање на споровите меѓу нив и забрана на употреба на оружје во меѓународните спорови. На овој ден, многу членки на ООН треба да се потсетат на овие принципи, кои и самите ги потпишале, но не ги практикуваат.
…И на развојот на информацијата
Развојот на информациите претставува еден од основните услови за рамноправен развој и за остварување на човековите права низ светот. Денот посветен на развојот на информациите, во денешни услови подразбира борба за достапност до информациите за сите, право на информираност, како и ширење и развој на современата информатичка технологија. Во многу случаи, информацијата не е само моќ, туку и средство за преживување и за квалитетно и достоинствено живеење.
31 октомври
Ден на Црното Море
Денот посветен на Црното Море го прославуваат државите кои гравитираат кон црноморскиот слив, меѓу кои спаѓа и нашата. Овој ден е посветен на акции за заштита на Црното Море и неговиот слив од загадување, но и на промоцијата и заштитата на културните и на природните вредности на регионот. Тоа е исто така, можност за регионална соработка, запознавање и зближување на државите од овој еколошки одреден регион. |