УРБИС
Хуманизација на урбаниот простор
Здружението за култура на живеењето, унапредување и хуманизација на просторот – УРБИС, обединува повеќе познати архитекти, урбанисти, градежни инженери, социолози, но и граѓани со други професии, за кои е заедничка желбата Скопје да биде хуман урбан простор.
Здружението делува локално, а неговите цели се поттикнување на интересот на граѓаните за повисок квалитет на живеењето, висока професионална етика во областа на користењето на просторот, подобрување на законската регулатива од оваа област, афирмација на просторно-планерската струка и кадрите во неа, заштита и рехабилитација на културното наследство на градот и околината и друго.
Како што ни рече арх. Олга Чоланчевска, претседател на УРБИС, овие и другите цели ги постигнуваат преку повеќе секции во рамките на здружението: секција за културно наследство и градска традиција (ја раководи арх. Јасмина Хаџиева – Алексиева), секција за ликовно обликување на просторот (проф. Борис Петковски), урбана социологија (д-р Илија Ацевски) и други. Организиравме две јавни трибини – за хаосот во сообраќајот и за хаосот во урбанизмот). Планираме активно да се вклучиме во јавната расправа за нацртот на Генералниот урбанистички план на Скопје, но имаме забелешки дека е многу мало учеството на јавноста во фазите на изработката на планот. Сметаме дека сообраќајот во моментов е најголем урбан проблем на Скопје, поради што се залагаме за идејата за изградба на трамвај, што би ги поврзал источниот и западниот крај на градот (Ѓорче Петров – Маџари). Исто така, хаосот во урбанизмот е нешто што е карактеристика на Скопје во моментов – се гради без план и без ред, без да се почитуваат генералниот и деталните урбанистички планови. Сметаме дека наш голем успех е тоа што во некоја мера го намаливме хаосот во градењето во Дебар Маало и тоа што граѓаните ги придобивме на наша страна – тие сфатија дека ние работиме на нивна линија, бидејќи голем број граѓани се жртва на претприемачите, кои им продаваат станови без покриетие, дивоградби – вели арх. Чоланчевска.
|