Погледи
Може ли да постојат мултиетнички редакции
Постконфликтниот период во Тетово наметна една дилема: можат ли новинарите од различна етничка припадност од овој регион, и покрај сите случувања, да известуваат заедно, односно можат ли да постојат и опстојат мултиетнички редакции.
Досегашните искуства на ова поле беа мошне скромни. Освен Радио Тетово, кое емитуваше (и се’ уште емитува) програма на македонски, албански и еден период и на ромски јазик, друг пример за мултиетничка соработка меѓу новинарите на овие простори не беше забележан.
Пример 1: Овој предизвик го прифатија странските донатори кои најдоа разбирање, (се разбира и доволно парични средства), да се формира редакцијата на Сити деск (City Desk) во март 2002 г. Редакцијата ја сочинуваа новинари Македонци и Албанци кои доаѓаа од приватните електронски медиуми во Тетово, а кои сега работеа обединети во една редакција. Прилозите што ги подготвуваа одеа на македонски и на албански јазик. И, би рекол за наши прилики – нормално, првите реакции беа повеќе од очекувани: Македонци и Албанци да работат заедно? Нема шанса! Конфликтот е неизбежен! Луда идеја на лудите странци! И така натаму и така натаму. Не дека дотогаш новинарите од Тетово од различна етничка припадност биле во лоши односи. Напротив, соработката отсекогаш била на мошне високо ниво, но помислата да се работи заедно за некого беше повеќе од неверојатна. Сепак, и најголемите скептици набрзо се уверија дека и тоа во Тетово е можно. Редакцијата работеше 13 месеци и се покажа дека и македонските и албанските новинари можат да најдат заеднички јазик и професионално да ја вршат својата работа.
Пример 2: Ако можат постарите да работат заедно, зошто тоа не би го можеле и младите? Резултат на оваа идеја е тинејџерскиот весник Поинт. Основата е иста: мултиетничка редакција составена од Македонци, Албанци, Турци и други. Повторно помошта (финансиска) добиена од меѓународната заедница за реализација на една ваква идеја беше неопходна. Оваа редакција (формирана во ноември 2002 г.), освен двајца професионални новинари (Македонец и Албанец), ја сочинуваат и уште 50-тина ученици од сите националности од тетовските средни училишна (од есенва во редакцијата се вклучени и средношколци од Куманово и од Гостивар). Весникот (чиј тираж е 10.000 примероци месечно) излегува на македонски и на албански јазик. Првичните реакции беа многу слични како и за Сити деск, и повторно погрешни. За младите тетовски ученици–новинари немаше јазични, национални, верски или какви било други недоразбирања. Проблемите на младите се исти и тие пишуваат за нив. Редакцијата стана место не е само за работа, туку и за меѓусебно дружење. Како понатаму: Редакцијата на Сити дескпо тринаесет месеци работа, и покрај добрите резултати и моралната поддршка што ја имаше од разни страни, беше затворена. Тинејџерскиот весник Поинт се предвидува да излегува до крајот на декември 2003 г., а потоа (иако се прават напори тоа да не се случи) најверојатно ќе престане да се печати. И во двата случаи причината за затворањето се финансиските средства.
(Радио Тетово постои и понатаму, но тоа се финансира од буџетски средства). Народно кажано: додека има пари, мултиетничката соработка постои, кога ќе снема финансии – секој се повлекува во своето (етничко) јато. Натамошната соработка се сведува на средби на новинарите на некоја прес-конференција, размена на куртоазни поздрави, потсетување на времето кога се работеше заедно, размена на некоја попатна и не толку важна информација и толку. Во секој случај, во изминатава година и пол, во Тетово се создаде поволна клима за постоење мултиетнички новинарски редакции. Добро би било кога заедницата би нашла повеќе разбирање за нивната работа и ако не целосно, барем дел, финансиски да ги помогне додека не успеат да се осамостојат и да почнат доходовно да работаат. Тогаш пазарот и средината сами и на вистински начин ќе решат дали на оваа средина & е потребна мултиетничка редакции.
Зоран Андонов, уредник во тинејџерскиот весник Поинт во Тетово, и претседател на Здружението на родителите на децата заболени од церебрална парализа од Тетово
|