UNICEF
Кажете "ДА" за децата

Меѓународната кампања "Кажете ДА за децата" се спроведува и во нашата држава, во организација на канцеларијата на UNICEF во Македонија. Оваа кампања на UNICEF има за цел да ја подигне свеста кај пошироката јавност за детските права, а она што е оригинален пристап во неа е можноста секој граѓанин да се вклучи со свое мислење за овој проблем.

Во весниците и списанијата се дистрибуирани лифлети во рамките на кои се наоѓа и поштенска картичка со платена поштарина, на која граѓаните можат да гласаат за најприоритетните детски права во своите средини. Гласањето може да се врши и преку Интернет (на Веб-адресата www.globalmovementforchildren.org/). Гласањето, исто така, може да се изврши и преку Вавилон центрите низ Македонија, Македонскиот модел на ООН и други невладини организации, како и преку центрите за социјална работа. Гласањето трае до крајот на јуни, а резултатите од овие гласања, кои се спроведуваат во целиот свет, ќе бидат претставени на Специјалната сесија на Генералната асамблеја на Обединетите Нации, од 19 до 21 септември годинава во Њујорк, САД. Кампањата во Македонија ја лансираше г-ѓа Карин Шампу, извршен директор на UNICEF, а на овој настан присуствиваа градоначалници, Омбудсманот, претставници на повеќе невладини организации, а во таа прилика беше промовиран и првиот национален амбасадор на UNICEF во Македонија, популарниот Врчак - Раде Врчаковски.
|