|
Што се подразбира под организации од јавен интерес?
На адресата на „Граѓански свет” стасаа неколку прашања кои можат да се сумираат под едно: што точно означува поимиот „организација од јавен интерес”? Овојпат, одговор на прашањето побаравме од д-р Наташа Габер Дамјановска.
Општиот поим "јавен интерес" се користи за да се означат оние организации чии цели & служат на јавноста како целина, наспроти оние организации кои имаат приватни цели (во кои доминираат или исклучиво се наменети за интересите или за доброто на своите членови).
Општо е прифатено дека организациите од јавен интерес заслужуваат било директна било индиректна владина поддршка, но владите низ целиот свет се соочуваат со проблемот на преточување на овој принцип во закон, како и негово успешно остварување.
Важно е да се истакне дека оваа материја мошне шаренолико се толкува во различните земји во светот, пред се должејќи го тоа на специфичната правна традиција и на општествените прилики кои ги детерминирале денешните легални рамки. Ова прашање не е подеднакво регулирано ниту хармонизирано ниту во рамките на земјите-членки во ЕУ, и покрај тоа што во последно време се евидентни напорите нешто да се постигне и на овој план. Меѓународните договори кои се важни за основните принципи на невладиното организирање, не навлегуваат подлабоко во проблематиката.
Бидејќи организациите од јавен интерес се стремат да ги исполнат образовните, културните, општествените, физичките и духовните потреби на граѓаните и на општеството, и често дополнувајќи ги функциите на државата, владите за возврат на овие организации им доделуваат поддршка преку различни средства коишто вклучуваат и даночни олеснувања. Овие изгубени даночни приходи служат како индиректна субвенција која им помага на организациите од јавен интерес да ги реализираат своите цели.
Постојат многу привилегии кои можат да се прошират врз организациите од јавен интерес, но често најзначајната причина за здобивање статус на организација од јавен интерес лежи во даночниот третман што го добива таа.
Од организациите чија работа е унапредување на јавниот интерес и имаат привилегиран даночен третман, се бара да ја докажат својата подобност. Властите имаат право да се осигураат дека непрофитните организации кои тврдат дека служат на јавниот интерес навистина тоа и го чинат. Бидејќи кај нив се одлеваат средства кои во поинаков случај би влегле во државниот буџет, тие се одговорни да се потрудат правилно да се употребуваат даночните привилегии. Треба да се биде свесен дека статусот на организација од јавен интерес е привилегија, а не право. Тој мора да биде побаран (инициран) од страна на организацијата и треба да биде оправдан, но, исто така, тој со себе повлекува и взаемни обврски.
Д-р. Наташа Габер Дамјановска Институт за социолошки и политичко-правни истражувања |