НЕШТО НОВО ВО МАРИОВО
Детски камп “Итар Пејо”
- Толку деца, толку веселба, толку убави нешта во Мариово не сме виделе најмалку 30 години - постојано повторуваше осумдесетгодишната Митра Бибова од село Старавина, Мариово, за време на одржувањето на Детскиот камп “Итар Пејо”.
А Старавина и Градешница, двете села каде се спроведуваа активностите од кампот, ечеа од детските гласови, предизвикувајќи голема возбуда и радост кај главно постарите жители од овој, напуштен и заборавен, но извонредно убав и културно богат крај. Децата, облечени во своите жолти маички и капчиња, љубопитно ѕиркаа во камените куќи, развеселувајќи ги старците, разговараа со нив, со внимание ги следеа процесите на стрижење овци, вртење мед, како и историските часови, меѓу кои и оној пред куќата на Калеш Анѓа, каде им беше раскажана приказната за судбината оваа историска личност. Ги запознаа и убавините на Мариово, шлапкаа босоноги во бистрата Градешка Река, посетија дел од многубројните цркви и манастири, големото културно богатство на Мариово. А, с$ што каснаа, беше никнато во овој еколошки извонредно чист крај - пастрмка уловена во Градешка Река, домашно сирење и зеленчук, дома месен леб...
Вечерите, пак, беа посебна приказна - децата играа на тревата пред општинската зграда на “живата” музика и песната на Соња Лозановска и Драган Мијалковски, на голема радост на локалните жители.
Детскиот камп беше организиран од еколошкото друштво “Кајмакчалан” од Старавина, во тесна соработка со локалната самоуправа, локалните жители и други граѓански здруженија (Самаритјанин од Битола, Здружението на пчелари и други). Тоа беше проект во рамките на Програмата “Живо наследство” која во Македонија ја спроведуваат Фондацијата Крал Бодуен од Белгија и Фондацијата Институт отворено општество - Македонија. И за мариовци, и за децата, ова беше незаборавно дружење. Си ветија нови средби, а овој настан веројатно ќе биде повод на заборавеното Мариово да се сетат и многумина други.
М.Иванова |