|
ONLINE VERSION |
|
PRINT VERSION |
|
ИСКРА ГЕШОСКА
Никогаш не би можела без копнежи
ПРОФЕСИОНАЛНО ИСКУСТВО: Моите интереси се широки, особено кога станува збор за некакво општествено преплетување. Во моментов, мојата доминантна определба е водењето на Културниот центар Точка, на проектот Слевање на маргините, што с$ заедно е најголемата заложба на здружението на граѓаните Контрапункт. Во рамките на овие активности работам и како заменик на главниот и одговорен уредник на списанието Маргина. Инаку мојата страст е театарот, и долги години го проследувам, пишувам осврти, рецензии...
АНГАЖИРАЊЕ ВО ГРАЃАНСКИОТ СЕКТОР: За мене формулацијата “граѓански сектор” има многу покоплексно значење отколку само она што го нуди правната регулатива. Значи, сметам, дека човек може себеси да се смета вкотвен во својот ангажман за заложба за граѓанска иницијатива и со некои индивидуални потези, а не само како член на здружение на граѓани. А тоа мислам дека се обидувам (помалку или повеќе успешно) да го правам постојано. Инаку, Контрапункт постои од 2001 година, и за овие две и пол години успеавме, ми се чини, да покренеме доста иницијативи, и да промовираме една понеформална перспектива во дејствувањето и менувањето на општеството. Ќе видиме какви ќе бидат резултатите.
ХОБИ И ИНТЕРЕСИ: Готвењето е една од најкреативните секојдневни активности. Ми се чини дека со неа успевам и да го трансцендирам секојдневието. Додека готвам, влегувам во сосема други нивоа на мојата потсвест, своевиден ескапизам за време на кој ги осмислувам своите текстови и своите идни чекори.
АМБИЦИИ: Тешко прашање, бидејќи мојата психолошка структура поинаку ги формулира и моделира желбите, посакувањата... Еден психоаналитичар рекол: “Желбата нема реален објект во стварноста”... па сега видете... како и да е, се трудам да не бидат фрустрачки и големи... а, да, сакам да отидам во Кина, но со воз, со Трансибирскаја...
ВО СЛОБОДНО ВРЕМЕ ЧИТА: Теориска литература, во последно време автори од втората половина на 20-от век, поструктуралисти и оние кои ги третираат културолошките и родовите критички перспективи, и откривам с$ уште некои нови добри прозаисти.
КАДЕ ОДИ ВО СЛОБОДНОТО ВРЕМЕ: Зависи од расположението. Обично пешачам низ градот, откривам нови улички, или гледам некој филм, или гледам во една точка обидувајќи се да ги сведам во неа сите проблематични мисли и чувства.
ЗА ВРЕМЕ НА ВИКЕНДИ: Главно во Скопје, со активностите од претходното.
КОЈ НАЦИОНАЛЕН/ЛОКАЛЕН ПРОБЛЕМ ГО СМЕТА ЗА ОСОБЕНО ВАЖЕН И ЗОШТО? Не е еден. Но еден од поголемите е чувството на “моит пет минути” кај оние што ја раководат државата. Немањето моќ за подолгорочно размислување, и немањето свест за индивидуална и колективна одговорност. Сопствениот интерес и себепромоцијата на нашите политичари (чест на исклучоците) е секогаш над интересот на државата.
КОЈ ГЛОБАЛЕН ЛОКАЛЕН ПРОБЛЕМ ГО СМЕТА ЗА ОСОБЕНО ВАЖЕН И ЗОШТО? Исто, не е еден. За жал, има с$ повеќе проблеми отколку релаксирачки моменти. И тоа за мене е најголемиот проблем: привидот и динамиката на прогресот, идеолошки, политички, технолошки, економски, ми се чини дека е парадоксално опозитен на актуелните случувања во светот. Она што најмногу ме загрижува е “забрзувањето во празно”, како што вели Пол Вирилио.
ШТО БИ ПРОМЕНИЛА ВО МАКЕДОНИЈА И ВО СВЕТОТ? Во Македонија, меѓу другото, би работела на “задушување” на трендот на задоцнет националромантизам кај сите етнички групи. Мислам дека тоа е многу опасно за оваа мала земја која треба да се сврти кон решавање на други проблеми (криминал, корупција, немање квалитетно судство, образование со с$ посомнителен квалитет, застрашувачка администрација, малограѓански менталитет, екскомуникација на маргинализирани групи, родова (не)чувствителност, патријархалност....) А во светот... не знам... многу е комплицирано... но би сакала да се промени трендот на зајакнување на фашисоидните, тоталитарни тенденции, кои ги промовираат одредени нации сметајќи се за доминантни и привилегирани...
НИКОГАШ НЕ БИ МОЖЕЛА: ...без копнежи...
СОВЕТ/ПОРАКА: Да престанеме да даваме совети и да се фатиме за работа.
|
Шехапи избран за нов претседател на Ел хилал
На состанокот на Изборното собрание на Хуманитарната организација Ел хилал, одржан на 5 јули годинава, за нов претседател е избран Бехиџудин Шехапи. Исто така, на состанокот е избрано и 15-членот централно претседателство. Досегашен претседател на организацијата беше Абдурауф Пруси.
|
|
|
|
|