Партнерство (II)
Добрата комуникација - клуч за успешно партнерство
Во претходниот број на “Граѓански свет” ги поминавме првите неколку чекори во создавањето партнерство. Во овој број ќе се осврнеме на важноста на добрата комуникација во дефинирањето на очекувањата од партнерството, а потоа и во неговото спроведување.
Разјаснување на партнерството
Важно е партнерите да ги дефинираат своите улоги во партнерството. Секако дека ние во улога на партнер имаме некакви очекувања од партнерите, а нашите партнери имаат очекувања од нас. Неуспешното разјаснување на очекувањата на почетокот ја зголемува веројатноста од недоразбирања, конфликти и задоцнување. Успешна соработка бара разјаснување и постигнување консензус меѓу партнерите, најмалку во врска со: · заедничките цели; · договорот за партнерство; · обемот на активности кои ќе се одвиваат во партнерство; · поделбата на задачите; · посветеноста на ресурсите на секој од партнерите; · водството, координацијата, мониторингот и механизмите за информирање; · публицитетот на партнерството.
Може да биде корисно да се документира и да се формализира партнерството. Ракување или вербален договор ретко е доволен за успешна соработка. Пишаниот договор е посебно важен за големи иницијативи, поврзани со многу трошоци или иницијативи кои вклучуваат повеќе партнери или нови партнери. Документацијата може да биде писмо за договор, меморандум за разбирање или подетален договор за партнерство којшто треба да биде потпишан од сите партнери. Таа треба да ги постави основните рамки (како заеднички цели, структура на партнерството, улоги и влогови), како и провизорни детали кои ќе може да се ревидираат за време на спроведувањето. Но, преголемиот акцент на документацијата и на деталите може непотребно да го искомплицираат партнерството.
Партнерството на дело
Исполнувањето на обврските кои сме ги презеле ќе создаде доверба кај партнерите и ќе ни го зголеми кредибилитетот. Тоа ќе ве стави во позиција вие да очекувате од вашиот партнер да ги исполни своите обврски. Доброто партнерство не се покажува само преку спроведување на договорените задачи и трансфер на фондови. Тоа се демонстрира и преку добра комуникација: навремено возвратени повици и факсови, редовни состаноци, отворена размена на информации и кооперативно решавање на проблемите.
Партнерството се става на тест кога ќе се појави некој проблем. Проблемите и конфликтите се неизбежни. Добрите партнери ги ставаат проблемите “на маса”, дискутираат за нив за да ги разрешат. Отворената комуникација е особено важна во партнерствата каде има вкрствување на различни култури и јазици. Доколку е потребно, партнерството се адаптира со ревидирање на иницијативата и повторна проценка на улогите, одговорностите и посветените ресурси. Многу е непродуктивно и штетно партнерите да се фокусираат на префрлање на вината или на критикување еден со друг, наместо да го решаваат проблемот. Ваквото однесување ќе ја уништи довербата во соработката.
Постојат различни причини зошто партнерствата завршуваат или има потреба да завршат: · Партнерството ги постигнало своите цели; · Визијата на партнерите дивергирала со текот на времето; · Еден од партнерите не може да излезе на крај со своето финансирање или со обврските коишто ги презел; · Направена е оценка на партнерството и е утврдено дека тоа е неуспешно; · Партнерите или нивниот персонал не се во состојба да работат заедно; · Се јавува непредвиден развој или криза.
Доколку партнерството ги постигнало своите цели, треба да се оцени и утврди дали постојат други можности или потреби за меѓусебна соработка.
Партнер кој ќе одлучи да го напушти партнерството пред официјалното завршување на соработката, треба да го направи тоа што е можно поодговорно. Партнерот кој заминува треба јасно да ги извести останатите партнери за причините за својата одлука. Ненадејно повлекување од партнерството без објаснување може да го намали кредибилитетот во очите на довчерашните партнери и на пошироката заедница.
Кога еден партнер ќе замине, останатите треба да проценат дали треба да продолжат. Дали постои замена за партнерот кој си заминал? Дали оние кои остануваат можат да ги пополнат јазовите оставени од поранешниот партнер? Дали заминувањето на еден партнер е знак дека партнерството е во неволја и треба да заврши? Како тоа може да се адаптира за да се компензира загубата на еден од партнерите? Останатите треба да ги извагаат овие практични прашања заедно со политичките, етичките и со другите димензии на ситуацијата.
Партнерите најчесто се осетливи на признанија и публицитет на партнерството за време и по соработката. Различни партнери сакаат да им биде оддадено признание на различен начин. Некои преферираат да останат понастрана и бараат ниска видливост од најразлични причини, што секако треба да се почитува. Но, повеќето партнери очекуваат признание за својот придонес во партнерството.
Некои начини да се одаде признание на партнерството, достигнувањата од него и партнерите се:
· наведување на имињата на сите партнери на сите релевантни документи; · оддавање признание на партнерството и партнерите преку јавни настапи; · организирање настани за да се прослави успехот на пратнерството; · публицитет на партнерството низ медиумите; · известување за партнерството до менаџментот и бордот; · квантифицирање и дисеминација на постигнувањата од партнерството; · писмо за благодарност до партнерите; · признание за партнерите во годишниот извештај; · признание за партнерите при различни координативни состаноци.
Оддавањето признание гради добри релации, го зајакнува партнерството, дава пример за другите и го гради патот на идната соработка.
Градење врз искуството
Искуството од партнерството н$ учи на вредни лекции. Грешките и непредвидените препреки со кои сме се соочиле не прават помудри. Сега подобро знаеме со што ние можеме да придонесеме и што можеме да постигнеме низ партнерство. Искуството од партнерството исто така може да создаде нови можности. Сега имаме корисни контакти кои треба да се одржуваат и да се надградуваат. Партнерите може да бидат заинтересирани да работат со нас и во други области. Партнерството може да го продолжи својот живот во нова форма.
Подготвила: Сунчица Саздовска (Користен материјал: “Building donor partnership” Terrice Bassier and Mabel Wisse Smit)
|