Писма од читатели
Невладини или граѓански организации?
Како еден од подржувачите и конзументите на културата на граѓанското општество, деновиве, случајно, имав можност повторно да ја прелистам брошурката на МЦМС „НВО Саем – Форум на граѓанското општество во Македонија“’ и да се потсетам на таа прекрасна манифестација на граѓанската иницијатива кај нас - но тоа наедно беше ситуација кога морав уште со самиот наслов на брошурката одново да се потсетам и на еден за мене ЧУДЕН И НЕРАЗБИРЛИВ ФЕНОМЕН во културата на граѓанското општество.
Знам многумина кои се покомпетентни и поповикани од мене да го воочат тој феномен и да се произнесат во врска со него и одамна чекам тоа да се случи - но се чини дека и тоа молчење на повиканите како да е дел од бизарноста на самиот феномен. Затоа решив да не чекам веќе, и конечно самиот да го потегнам тоа прашање, па макар и по цена да испадне дека дигам врева без потреба, т.е. дека тоа што мене ми боде очи всушност не некој вистински проблем. Нека ми биде простено доколку се покаже дека погрешно сум ги разбрал работите.
А она што јас го нарекувам чуден и неразбирлив феномен и што ми боде очи и уши е – употребата на терминот НЕВЛАДИНА ОРГАНИЗАЦИЈА.
Она што би можел да го разберам е поимот ГРАЃАНСКА организација да се ДООБЈАСНУВА со епитетите како „непартиска“, „непрофитна“, и вистинската одредница, „граѓанска организација“, за на нејзино место масовно да се употребува сурогатот “невладина организација”. Така, без никаква потерба и оправдание се форсира една гротескна ситуација во која субјектот, граѓанското здружение, се идентификува НЕ ПО ТОА ШТО Е, т.е. граѓанска организација, туку по тоа што НЕ Е, т.е. НЕвладина организација. Тоа е исто толку нелогично како кога јас, за да кажам дека сум Македонец, би рекол дека НЕ сум Бугарин, или дека НЕ сум Србин – и би сметал дека со тоа сум се идентификувал во однос на мојата етничка припадност. Тешко на оној субјект кој, немајќи свое автентично битие, себе си може да се дефинира само како „негатив“ на некој друг субјект! Меѓутоа граѓанската организација (како општествена појава) е битие со автентичен идентитет, кое гордо треба да си го носи своето вистинско име (граѓанска организација), и дека затоа, нејзиното прекрстување во „невладина организација“ треба да се смета како потценување и НАВРЕДА.
Она што додатно збунува кај овој феномен на негативна идентификација е тоа, што терминот „невладина организација“ (и неговата кратенка НВО) е во широка примена не само кај обичните граѓани или во новинарски текстови, и не само као жаргон кој „слободно шета“ и по официјалните текстови на државните институции, туку што тој термин без дилеми се употребува и од страна на ЛУЃЕТО ОД НАУКАТА и е во широка примена во СТРУЧНАТА ЛИТЕРАТУРА – така што се добива впечаток како да е тоа сосема „нормален“ термин и така неоправдано му се дава легитимитет за натамошно „лажно претставување“.
Сепак, јас сум убеден дека е сосема погрешно кога членовите на граѓанските здруженија самите себеси се идентификуваат како членови на некакви „невладини организации“, па затоа АПЕЛИРАМ до сите припадници на граѓанскиот сектор, а особено до претставниците на науката и носителите на културата во оваа област, за ИСФРЛАЊЕ на овој глупав термин (некритички преземен од „напредниот Запад“ и папагалски повторуван до бесвест, така што сега ни се чини дека „не можеме без него“) и за негова замена со едноставниот термин ГРАЃАНСКА ОРГАНИЗАЦИЈА – единствениот термин кој во случајов често го изразува поимот на којшто се однесува.
Со ведар поглед кон иднината без НВО, а со многу ГО, искрено ваш,
Петар Бошевски (Личен став на член на Еколошкото друштво „Еко – мисија“ Скопје)
|