Улогата на невладините организации во кризата во Македонија (1)
ХУМАНИТАРНАТА ПОМОШ И КРИЗАТА
Сашо Клековски
Невладините (граѓански) организации (НВО) имаа значителни активности во кризата во Македонија. Тие беа насочени во повеќе насоки: хуманитарна помош, поддршка на мултикултурна соработка, ненасилни начини на решавање на конфликтите, и граѓанска партиципација во одлучувањето. Во две продолженија ќе се направи преглед и оценка на вклученоста на невладините организации. Во овој дел предмет е хуманитарната помош.
Хуманитарната состојба во Македонија
Непосредните последици од насилството беа повеќекратни. Тоа беа раселени и протерани лица кои имаат потреба од засолниште и хуманитарна помош. Бројот на раселени беше најголем во август кога достигна околу 120,000 од кои 75,000 во земјата и 45,000 во странство, а до декември 2001 година се намали на 26,000 лица од кои 14,000 во земјата. Тоа беа заедници како Вратница и Липково кои поради судирите имаа ограничено движење и им беше оневозможено снадбувањето и заедници каде се нагласија стари хронични проблеми пр. водоснадбувањето во Куманово и Тетово. Тоа беа заедници каде беа нанесени штети на живеалиштата, инфраструктурата и земјоделието. Беа оштетени околу 5,200 живеалишта од кои половината во кумановско, а останатите во скопско и тетовско.
Хуманитарниот одговор на НВО
НВО, како и ги агенциите поврзани со Движењето на Црвениот крст и полумесечина и ООН, всушност и го обезбедија најголемиот дел од одговорот. Домашните НВО најверојатно беа клучни доставувачи на помош во кризните подрачја, посебно оние со ограничен пристап (табела 1).
| Табела 1. Помош од домашни НВО, јуни – декември (извор НВО хум.координација) |
| НВО/општини |
Кол.цен. |
Куманово |
Тетово |
Скопје |
Други |
Вкупно |
| МЦМС |
78/2 |
130 / 16 |
88 / 21 |
26 / 8 |
21 / 10 |
343 / 57 |
| Ел-Хилал |
|
411 / 177 |
118 / 49 |
99 / 41 |
10 / 4 |
638 / 271 |
| Други НВО |
|
331 / 18 |
|
80 / 36 |
|
411 / 54 |
| ВКУПНО |
78/2 |
872 / 211 |
206 / 70 |
205 / 85 |
31 / 14 |
1392 / 382 |
| Податоците се однесуваат на тони храна / илјади парчиња хигиенски производи. Прегледот е направен по општини (опфатени се само дел од селата). Во други НВО спаѓаат: Натира, Мајка Тереза, Јета, Мерхамет, Класје на добрината, САЖМ, Флора. |
Домашните НВО во екот на судирите и во моментите на (зло) употреба или ограничување на хуманитарната помош во јули 2001 година испратија порака „Да го поддржиме мирот со хуманитарна помош„ со кој се бранеше правото на пртистап на хуманитарна помош и непристарсноста на истата. Помошта за раселените лица во семејства беа во целост обезбедени од Меѓународниот комитет на црвениот крст (МКЦК/ICRC) во првите два месеци, а понатаму беа обезбедувани од три агенции (Интерсос, Италија; МПДЛ, Шпанија; Акција против гладот (ААХ), Франција) поддржани од Хуманитарната канцеларија на Европската комисија (ECHO). Светската програма за храна (WFP) и Високиот комесеријат за бегалци на Обиденетите нации (УНХЦР) обезбедуваше хуманитарна помош за повратниците. Табела 2. Вкупна помош во храна АгенцијаВкупно (тони) Домашни НВО 1,392 Интерсос 2,192 ААХ 1,127 МПДЛ 413 WFP/UNHCR 416 МЦК/ICRC 4,326 9,866 Владата ја презеде грижата за околу 3,000 раселени лица во колективните центри (буџетски установи) и краткорочно и долгорочно решавање на проблемите со водоснадбување во Куманово и Тетово. Помошта за поправка и реконструкција на штетите од судирите пак со мали исклучоци (како санитација на теренот во Арачиново) доаѓа од странските агенции и НВО. Во 2001 година се поправени и обновени околу 80% од оштетените куќи. Поправката на кат. 1 и 2 (мали штети) ја вршеа МЦМС и две агенции со финансии од УНХЦР и и други агенции финансирани од герамнската, данската и други влади, а кат. 3 (значителни штети) и кат. 4 (срушени) повеќе агенции меѓу кои Меѓународната група за раководење (ИМГ), Европски перспективи и други поддржани од ЕУ и УСАИД, холандската, грчката и другите влади. Неколку НВО обезбедуваат и сточна храна и друга помош.
| Табела 2. Вкупна помош во храна |
| Агенција |
Вкупно (тони) |
| Домашни НВО |
1,392 |
| Интерсос |
2,192 |
| ААХ |
1,127 |
| МПДЛ |
413 |
| WFP/UNHCR |
416 |
| МЦК/ICRC |
4,326 |
| |
9,866 |
Прашања и дилеми за хуманитарната помош
Во јавноста, но и меѓу самите НВО се поставија неколку прашања и дилеми поврзани со хуманитарната помош.
1. Дали хуманитарната помош беше доволна? Во јавноста и медиумите (посебно на македонски јазик) беше нагласувано дека помошта е недоволна. Ова посебно и споредбено со помошта за време на косовската криза. Веројатно е многу тешко да се одреди колку помош е доволно, но според одредени стандарди оже да се заклучи дека помошта на раселените лица била соодветна. Најголем број на негативни реакции се од првите 24 часа од раселувањето поради проблемите во прифатот на раселените лица. За доволноста на помошта илустративен пример е реконструкцијата. Во Македонија најголем дел од оштетените куќи се од прва и втора категорија (помали штети) и истите во најголем дел се веќе поправени. За споредба на Косово таквите штети беа оставени на домаќините сами да ги поправат. Она што можеби го предизвика чувството на разлика е повеќе моралната и политичка поддршка и грижа. За време на косовската криза постоеше црно-бела слика за состојбата и со тоа моралната поддршка од меѓународната заедница беше многу јасна и видлива преку посети на сите значајни лидери и познати личности. Во овој судир меѓународната заедница даваше контрадикторни знаци и настана конфузија кои се добрите и лошите. Исто така изостана јасна морална поддршка. За жал недостигаше и морална поддршка од домашното раководство, што создаде фрустрации и чувство на напуштеност.
2. Дали постоеше ограничување на правото на пристап кон хуманитарна помош? Едно од вообичаените стравувања е дека хуманитарната помош ќе биде злоупотребена од факторите на војната за нивни сопствени потреби или за продажба за финансирање на војната. Минатото лето меѓународната заедница се закануваше со стопирање на севкупната помош, со образложение дека со помошта ќе се овозможи владата да продолжи со набавките на оружје. Од друга страна, во Липково, Шипковица и донекаде во Арачиново, властите, а во Вратница и Теарце, т.н. ОНА, го ограничува пристапот на населението кон основните човечки потреби, како вода или електрична енергија, или кон хуманитарната помош. Тие се водат со истата логика како меѓународната заедница. Хуманитарната помош може да биде одземена и употребена од другата страна во судирот. Можеби тука постои ризик. Можеби владата благодарејќи на меѓународната помош, можеше да заштеди за уште некој тенк или хеликоптер. Можеби дел од лековите за Липково можат да бидат одземени и употребени од т.н. ОНА. Делумно погрешната помош може да наштети на мирот. Но, подобро и делумно погрешна помош, отколку никаква помош.
3. Дали хуманитарната помош е дистрибуирана непристрасно според потребите? И кај медиумите на македонски и кај оние на албански јазик, а со тоа и јавноста, со сигурност се тврди дека помошта е пристрасна, за другата страна. И едните и другите тврдат дека е помогната другата страна. Тоа ќе се докажува со владината поддршка само на колективните центри во кои исклучиво се сместени раселени лица етнички Македонци и Срби или со агенции и организации со муслиманско потекло помагаат исклучиво етнички Албанци. Помошта често се обезбедува во согласност со разединувањата во општеството. Еден дел од локалните НВО, иако беа организирани како ромски, муслимански или христијански, и беа насочени да им служат на своите заедници, тие исто така им служеа и на другите кои живееја во подрачјата каде овие НВО дејствуваа. Некои агенции помошта која ја канализираа преку локалните НВО ја насочија исклучиво за групата идентифицирана со таа НВО: на ромска НВО за Ромите итн. Пример, една УН агенција дистрибуира информативни материјали за опасноста од мини. Оваа агенција информативните материјали на албански јазик ги доверила на Ел хилал, а на македонски јазик на МЦМС. Тоа го јакне мислењето дека Ел хилал е албанска, а МЦМС македонска организација. Во овој случај, помошта влијае на потхранување на раздвоеноста. Од друга страна НВО ја пропуштија можноста или неуспеа доволно да ја истакнат меѓусебната соработка. Примери беа НВО хуманитарната координација или соработката во кумановско – липковскиот крај, каде се демонстрира дека тоа што се случува е наша грижа и дека можеме да си помагаме едни на други кога ни е најтешко.
4. Дали хуманитарната помош се злоупотребуваше за поддршка на (пара) воени формации? Ова прашање е во контекст на правото на помош и непристрасноста. Надвор од тој контекст е прашањето дали НВО, посебно домашните кои не се толку искусни, направија се да ги оневозможат и најмалите сомневања. Она што можеше, а не се направи е да се избегнуваат помошти кои можат да бидат употребени за воени цели. На пример место лекови да се обезбеди храна за бебиња. Што постигна хуманитарната помош Хуманитарната помош ја постигна основната хуманитарна цел – да го намали човековото страдање. Во рамките на возможното хуманитарната помош стигна до сите луѓе кои имаа потреба. Недостасуваше она што хуманитарната помош не може да го обезбеди: безбедност и заштита и морална поддршка и грижа од врвното лидерство, како меѓународно така и домашно. Недовербата и стравот зајакнати од насилствата, беззаконието и протерувањето и воената пропаганда придонесоа во демонизиција и оттука дехуманизиција на „другите”. Тешко е да се верува дека спротивставените страни потполно ќе го прифатат хумнитарниот принцип дека жртвите на сите страни на конфликтот имаат еднакви права на помош. Тоа доведе до периодично ограничување на правото на хуманитарна помош и пристрасност. Помошта на оние кои имаа потреба беа доживувани како зајакнување на „непријателот”. Кога „непријателот” прима некаква поддршка, вклучувајки и хуманитарна помош, на тоа се гледа спротивно на посакуваната победа. Одложувањето на позначителна помош од меѓународната заедница и поврзувањето на истата со политичкиот дијалог што се водеше во земјата, како и ограничувањето на пристапот кон хуманитарната помош во Липково или Вратница, не придонесуваа кон заедничката цел - постигнување мир. Напротив, со зголемување на страдањата на цивилното население, дополнително нараснаа поделбите и тензиите. Домашните НВО токму во помошта на населението со ограничен пристап најмногу придонесоа. Тука имаше и модели на одлична соработка. Ефектите ќе беа уште поголеми, ако и НВО, но и Владата, ги докрај ги надминеа линиите на раздвојување и помошта ја дистрибуираа според потребите, а не според припадноста или пак според определени политички и религиозни интереси.
Каква е оценката за придонесот на меѓународната заедница и домашните НВО во хуманитарната помош во кризата? Боге Чадиновски, советник и раководител на Одделение за хендикепирани, бегалци, раселени лица и хуманитарна помош, Министерството за труд и социјална политика: Меѓународната заедница и домашните НВО одговорија на значителен дел од хуманитарните потреби. Домашните НВО посебно се истакнаа во помош на кризните подрачја и помогнаа во моменти кога потребите беа големи, а можностите за пристап мали или со многу голем ризик. Придонесот беше и во подобро осознавање и брзо решавање на проблемите на теренот. Проблемите, како и во претходните две кризи (босанската и косовската) најчесто беа во доцнењето на започнувањето на помошта, што доведуваше до нервоза и тензии кај раселените лица.
Абдурауф Пруси, претседател на Ел Хилал: Придонесот на домашните и странските НВО, општо земено е позитивен. Постоеа пропусти за време на дистрибуцијата на помошта во кризните региони, и тоа однос на прашањето на рамноправноста во помошта пр. некои региони добивале повеќе или помалку помош. Дистрибуцијата на помошта од страна на некои странски НВО имало и политички карактер. Пример помошта не е дистрибуирана врз основа на бројот на ВРЛ, туку се одело на тоа да се опфатат сите националностите. Во таа поделба, раселените лица од македонска националност биле привилегирани, како тие кои биле сместени во колективните центри така и тие во семејства домаќини.
Павле Тодоровски, Теарце: Сите сме свесни дека помошта од меѓународната заедница е од неизмерна вредност, затоа што во најтешките моменти им излегоа во пресрет на населението кое е оставено во милост и немилост.
Бајрам Сулејмани, претседател на Натира, Липково: Токму тие со своите активности за време на воениот конфликт и криза придонесоа за спречување на вистинска човечка хуманитарна катастрофа, што се закануваше на жителите кои не ги напуштија своите огништа. Посебно високот мислење имаме за НВО секторот од Македонија, кои помогнаа според нивните материјални можности, но со чиста душа и срце и без разлика на етничка или верска припадност. За тоа нешто можат да се набројат бројни примери. Хуманитарната помош на меѓународната заедница и домашните НВО и овој пат потврдија дека се коректори на намерните грешки на политиката и политичарите.
Првата неуспешна помош за Липково На 11 мај 2001 година, МЦМС, заедно со Ел Хилал, тргнаа со хуманитарна помош за селата на липковскиот регион. МЦМС помошта ја пријави во УНХЦР и македонските власти. Таа се состеше од продукти за деца. Ел Хилал имаше дел од помошта и во лекови. Ел Хилал беше вратен назад од безбедносните сили, а МЦМС се откажа од безбедносни причини. Проблемот ескалира со интерпретацијата на настанот од медиумите. „Хуманитарни акции, шберц или помагање на теристите? Ел Хилал со поголемо количество лекови од пријавеното”, „Дозволата од безбедносните сили злоупотребена од Ел Хилал” или „Пратката на лекови поголема за 50 пати” беа некои од насловите. И другата страна не остана должна па го прикажа настанот како „забрана на хуманитарна помош„. На двете страни им е познато дека Меѓународниот комитет на црвениот крст доставува лекови до загрозените подрачја. Количеството на лекови беше минимално (багажник на Лада нива), но грешката на Ел Хилал во спецификацијата (измешани количини, пакувања и кутии) се разви во состојба со која меѓусебно се демонизира другата страна.
Помошта привилегија само за Македонците Тоа беше насловот во еден дневен весник на албански јазик. Поводот е блокадата на хуманитарната помош на МЦМС за општина Вратница во почетокот на август 2001 година, која повеќе од четири недели беше отсечена од линиите за снадбување. Во првиот обид хуманитарен конвој беше запрен со блокада, од околу 150 цивили, во селото Доброште. Вооружани лица, без ознаки, извршија претрес на конвојот и го вратија назад. Во вториот обид по блокадата кај Џепчиште, помошта беше пропуштена. Беа истаканати пароли Тие држеа пароли в раце, каде главно беше напишано: „И Албанците имаат потреба од хуманитарна помош„, „Нема помош за Вратница, додека не се дозволи помош за Албанците”. Враќањето на конвојот се оправда со логичното барање за хуманитарна помош во Липково и Шипковица и со „откриените униформи, алкохол и скапи цигари марлборо”. Инаку во истиот весник на албански јазик во првите денови на април 2001 година беше објавен напис „Ел Хилал и МЦМС делат хуманитарна помош„ за помош во Речица, Слатина и Џепчиште. Хуманитарната помош стана дел од судирот. Последователна реакција на овој настан беше барањето за воспоставување контрола на патот Тетово – Јажинце од страна на македонските безбедносни сили. Во ескалацијата со јавија закани за реваншизам и блокирање на хуманитарна помош за етничките Албанци. На тоа се надоврза заканата за запирање на водоснадбувањето на Куманово. Значи целосна ескалација каде заканата за страдање на цивилното население се зголемува. А со страдањето и судирот. За повторно да се прекине ескалацијата, беше неопходно да се оствари првобитниот чекор – пристигнување на помошта до Вратница.
|