ПРОГРАМА ЖИВО НАСЛЕДСТВО
Работилница за старата чаршија...
Работилницата за старата чаршија во Скопје, што се одржа на 18 април годинава, во просториите на Чифте амамот и Домот на занаетчиите, имаше за цел да ги собере сите заинтересирани страни и да поттикне заедничка акција и стратегија за ревитализација на овој простор. Работилницата е дел од проектот на НИК „Лист“, во рамките на програмата Живо наследство, која во Македонија ја спроведуваат фондациите Крал Бодуен од Белгија и Институт Отворено општество - Македонија. Во реализацијата на оваа работилница, покрај овие две фондации, свој придонес даде и германската фондација Конрад Аденауер.

Работилницата се одвиваше под покровителство на Министерството за култура и на Собранието на град Скопје. Се работеше во групи, а учесниците на крајот се договорија да ја продолжат работата, формирајќи коалиција на засегнатите страни. Беше оформен граѓански комитет кој во наредниот период ќе ги координира активностите околу оформувањето на стратегија за ревитализација на чаршијата, која ќе биде претставена на донаторската конференција за чаршијата, што НИК „Лист“ ќе ја организира наскоро.
... И шест нови проекти
Во рамките на Програмата Живо наследство стартува третата фаза, во која поддршка им е дадена на шест проекти, насочени кон развој на заедниците преку културното наследство како развоен ресурс.
Во Галичник ќе се спроведе проект чија цел е да воспостави Фонд за одржлив развој на галичката свадба, преку изработка и продажба на традиционалната носија и музички инструменти; во Вранешница, Кичевско, грнчарската заедница ќе спроведе проект за осовременување и популаризација на овој занает; во Маловишта, Битолско, ќе се иницира ревитализација на мутафџискиот, ткајачкиот и дрводелскиот занает, а изработените предмети ќе се продаваат во селото и пошироко; во Мариово (Старавина и Градешница) ќе се организира детски камп наречен „Итар Пејо“, со цел децата, нивните наставници и пошироката јавност да се запознаат поблиску со овој лик и со другите културни и природни вредности на Мариово; во радовишките села Аликоџ и Коџалија, заедницата на Јуруците ќе ги популаризира своите традиционални вредности, преку формирање и настапи на фолклорно друштво и изложба на традиционални ракотворби; во Заводот за згрижување на лицата со телесен хендикеп во Бања Банско, Струмичко, ќе се спроведе обука за копаничарската вештина, а изработените предмети ќе се пласираат пошироко. Во рамките на оваа програма се очекува да бидат поддржани уште два проекти. Проектите на програмата Живо наследство се спроведуваат во мали заедници (до 25.000 жители). Досега во Македонија со оваа програма поддршка добија 19 проекти.
М.И.
|