НАСТАНИ
ДЕМОКРАТИЈА И ЧОВЕКОВИ ПРАВА
МЦМС
Хуманитарна помош
Помош за Вратница, Јажинце и Шипковица
Македонскиот центар за меѓународна соработка во почетокот на август организираше конвој со хуманитарна помош за жителите на општината Вратница кои подолго време беа отсечени од Тетово и не беа во можност да се снабдат со основните животни намирници.
По првиот, неуспешен обид за дистрибуција на помошта, на 7 август два од шестте камиони пристигнаа на крајните дестинации, с.Вратница и с.Јажинце. Возачите на четирите камиони решија да се вратат назад поради тоа што не се чувствуваа безбедни да ја превезат помошта до одреденото место. Поради нецелосната дистрибуција, жителите на општината Вратница добија само пакети со храна.
Вториот обид да се снабдат овие луѓе со животни намирници е направен заедно со уште три невладини организации: Милосрдие, Ел хилал и Класје на добрината. Подрачјето на дистрибуција беше проширено и на Шипковица. Помошта беше дистрибуирана на 22 август 2001 година без поголеми проблеми. Жителите на Вратница, Јажинце и Шипковица добија основни животни намирници, свеж зеленчук и хигиенски пакети. Дистрибуцијата на оваа хуманитарна помош помина без проблеми.
Помош за колективните центри При дистрибуцијата на хуманитарна помош во колективните центри во кои се сместени внатрешно раселени лица од кризните региони МЦМС се води од начелото на еднократна помош. Помошта се доставува веднаш по отворањето на колективниот центар односно по доселувањето на внатрешно раселените лица. "Еднократната помош треба да им овозможи на луѓето кои управуваат со колективните центри да се снајдат во првите денови, односно првиот месец", ни рече Александар Кржаловски, координатор на програмата "Македонска криза" во чии рамки се спроведуваат овие активности. "Потоа, помошта пристигнува од Министерството за труд и социјална политика", додаде тој. Само во текот на август МЦМС дистрибуираше хуманитарна помош за девет колективни центри или институции чии услуги ги користат внатрешно раселените лица и тоа: колективните центри на АД "Бисерка" во Куманово, во Долно Коњари, "Пелагонија" во Скопје, во Дојран, Олимписко село во Скопје, "25-ти Мај" во Скопје, "1-ви Мај" во Скопје, во Негорци и црковната кујна "Св. Петар и Павле" во Скопје. Во овие колективни центри во кои се сместени повеќе од 1200 внатрешно раселени лица беше дистрибуирана основна храна (брашно, масло, шеќер и сл.), месо, свеж зеленчук и хигиенски производи. Дистрибуцијата се врши до кујнита на колективните центри каде што се подготвуваат оброците за внатрешно раселените лица. МЦМС продолжува со овој вид на дистрибуција, додека за тоа има потреба.
|