Коментар
Ќуп со злато чека на крајот на информатичкото виножито
Во последниве неколку месеци се интензивираа неколку глобални иницијативи кои ги промовираат информатичките и комуникациските технологии (ИКТ) во функција и на економскиот развој и на развојот на демократијата.
Меѓудржавните тела, како ООН и ЕУ, вложуваат огромни средства за поттикнување на информатичкиот развој. Слично постапуваат и државни агенции, како што е УСАИД, а и приватни донатори, како што е Институтот отворено општество. Ова коинцидира со приближувањето на Светскиот самит за информациското општество што треба да се одржи во Женева од 10 до 12 декември.
Иако тековните цени за пристап до ИКТ се најниски во историјата, а оптимизмот поттикнат од успехот на образовни проекти се шири по Африка, сепак не смееме да заборавиме дека половина од човештвото до ден-денес нема телефонирано ниту еднаш во животот (според Мајкл Мур), а популарната цена од 500 евра за компјутер (со процесорска моќ порасната според законот на Мор и со укината царина) е сепак вон дофат на голем дел од граѓаните на Македонија.
Макрополитиката на примена на ИКТ има суштинска врска со граѓанското општество, односно со прашањата за човекови права (слобода на говор, приватност, пристап до информации...) и добро владеење (транспарентност, отчетност, интелектуална сопственост...). Начинот на спроведување на преговорите за контроверзното стратешко партнерство на Владата на Република Македонија со корпорацијата Мајкрософт и третманот на реакциите (особено на граѓанската организација Слободен софтвер – Македонија) укажуваат на потребата за јакнењето на капацитетите за јавна дебата, застапување, лобирање и информирање.
Со влегувањето во Пактот за стабилност во југоисточна Европа во 2000 г. Македонија има преземено обврска до 30 октомври 2003 г. да донесе Национална стратегија за информатички развој, со која би се обезбедиле насоки и рамки во законодавството и во работата на власта. При тоа, може многу да се научи од позитивните искуства на Босна и Херцеговина и Албанија кои, со помош на УНДП, одамна го имаат исполнето овој услов за евроинтеграција.
Во земјата веќе има никулци на иницијативи и можности. На конференцијата на здружението на информатичари ДЕКУС (13-15 октомври), асоцијацијата на компјутерски фирми МАСИТ објави дека добила над 2 милиони долари за развивање на информатичката индустрија во рамките на Проектот за конкурентност на УСАИД. Транспарентност-Македонија го има покренато изготвувањето на Законот за слобода на информации. Центарот за ИКТ „Метаморфозис“ организира јавни анкети, а и работилници за образование на новинари и носители на одлуки, од кои првата ќе се одржи 14-16 ноември. Најпосле, НВО саемот (20-22 ноември) нуди одлична можност за јавни дебати и едукативни сесии од областа на ИКТ, со учество на носители на одлуки од различните сектори.
Филип Стојановски
|