Партнерства
Градот Скопје ја изработи Стратегијата за соработка со НВО
Градот Скопје, во соработка со Центарот за институционален развој - ЦИРа и со финансиска поддршка на ОБСЕ – Набљудувачката мисија во Скопје, ја изработи Стратегијата на Градот Скопје за соработка со граѓанските организации и акциски план за нејзина реализација.
При подготовката на Стратегијата се реализираа шест партиципативни работилници, во кои активно учество зедоа околу 100 здруженија на граѓани. Како резултат од оваа соработка, се идентификува и дефинира начинот за соработка помеѓу Градот Скопје и граѓанските здруженија, кој е претставен во завршниот документ „Стратегија на Градот Скопје за соработка со граѓанските организации за периодот 2007 – 2010 година”.
Претседателот на Советот на Градот Скопје, Благоја Чоревски, при промоцијата на документот нагласи дека унапредувањето на соработката помеѓу Градот Скопје и здруженијата на граѓани и фондациите, преку градење меѓусебен партнерски однос, претставува одраз на почитување на високите вредности и можности на граѓанскиот сектор и нагласување на нивниот значаен придонес во заедничките напори за задоволување на интересите и потребите на граѓаните.
„Градот Скопје го согледа значењето на здруженијата на граѓани, нивниот демократскиот израз, нивната умешност и ефикасност, во нив препозна свои партнери во решавањето на прашањата кои се од взаемен интерес. Во Стратегијата се внесени основите на соработката на Градот Скопје со здруженијата на граѓани, а преку чинот на донесување, ја презентираме нашата посветеност систематски да ги зајакнеме основните услови за побрз и поефикасен развој на овој сектор”, истакна Чоревски. Администрацијата на градот Скопје идната соработка со граѓанскиот сектор ќе ја заснова на принципите на партнерство, взаемна доверба, учество и консултации, јавност (транспарентност), независност и одговорност. Нејзината главна цел е да овозможи активно вклучување на граѓанските организации во процесите на дефинирање развојни активности и иницијативи на градот Скопје, како и да создаде предуслови за оформување ефикасни партнерства.
При спроведувањето на Стратегијата е предвидено оформување градски центар за поддршка на граѓанските организации, реализаиција на конкретни проекти како, на пример, заштита на парк-шумата Гази Баба, проекти посветени на заштитата од дрогата, заштита од сите видови насилство, јакнење на меѓуетничките односи, афирмација на родовата еднаквост и други. Стратегијата е среднорочен документ која ќе се спроведува до 2010 година.
С.Н.
|
|