Нов проект на “Жена на 21 век”
Женски мултиетнички книжевен центар
Во организација на кумановскиот Женски центар “Жена на 21 век”, започна да се спроведува проектот “Женски мултиетнички книжевен центар”, поддржан од фондацијата Интеретник проект - Куманово (ИПК).
Негова цел е унапредување на меѓуетничкиот дијалог и соработката во општините Куманово и Липково, низ широк опсег на проекти на цивилното општество. Проектот треба да овозможи културна надоградба на жените од Куманово и регионот, како и вмрежување на жените со запознавање на литературното творештво на спротивниот ентитет. “Женскиот мултиетнички книжевен центар” треба да се оформува во неколку фази: преку отворање библиотека во рамките на Женскиот центар, опремување со книжен фонд со различни содржини и јазик, при што најголем дел од книгите треба да бидат на јазикот на сите ентитети кои живеат во споменатиот регион. На овој начин, во регионот, но и пошироко, ќе биде создадена првата мултиетничка библиотека со база на податоци за достапноста на литературата, во чиј фокус на интерес е жената. Во втората фаза ќе се имплементираат активности за популаризација на Центарот како место за позајмување книги од страна на жени, членки на библиотеката. Третата фаза треба да воспостави механизам за континуирана работа на Центарот, преку назначување лице одговорно за функционирање на библиотеката.
Д.М.
|