Погледи: Билјана Бејкова

Изборните ветувања - заборавени!

Новата власт ќе соработува со невладиниот сектор! Новата влада ќе гради партнерство со невладините организации! Ова, пред само десетина месеци, за време на изборите, додека тогашната власт запенето се обидуваше да докаже дека цивилниот сектор е „петта колона“, помпезно го ветуваше Коалицијата „За Македонија заедно“. Колку за потсетување, оваа изборна коалиција истакнуваше дека улогата на невладините организации е кон­стру­ктивна и дека соработката на релација: влада-цивилен сектор не само што е потребна, туку е и неминовна обврска на една демо­кратски ориентирана власт.

Така, изборите поминаа, „За Македонија заедно“ победи и дојде ред ветувањето да биде исполнето. Потпретседателката на Владата, Радмила Шеќеринска уште за декемврискиот број на „Моќта е во народот“ ( 2002 година) истакна: „Ги поканивме сите организирани граѓански иницијативи да учествуваат и помагаат во сферите во кои ни е неопходна заедничка акција и широк фронт на градење консензус и делување. Ова е особено важно за три теми: враќање на меѓуетничката доверба, борбата против корупцијата и евроатланските интеграции. Ниту една од овие цели не може да се реализира ако на неа се гледа само како на работа на Владата. Тие или ќе бидат наш заеднички приоритет и поле за соработка, или ќе бидат неуспешни... Ги покануваме невладините организации да комуницираат со соодветните министерства и институции и да размислуваат на конкретни форми за соработка. Се разбира, Секторот за европски интеграции и одделението за координација на странска помош во некои рамки, со кои раководам стојат исто така, на располагање...“

Значи, и натаму подгревање на атмосферата на оптимизам, ветувања, па дури и стравувања да не затапи острицата на невладинот сектор ако случајно новата власт изрази преголема „љубов“ кон граѓанските асоцијации.

Но, набрзо (како впрочем и многу пати до сега) се уверивме дека оптимизмот си останува само оптимизам, дека ветувањата си остануваат ветувања, а дека стравувањата сепак, „лозјето го чуваат“. Или, поконкретно, новата власт не понуди ништо суштински ново во третманот на цивилниот сектор. Таа не понуди никаква краткорочна или долгорочна стратегија за партнерство, не создаде простор за какво и да е подобрување на статусот на невладините организации и одби во догледно време да размислува за менување на постојната за­конска регулатива и за воведување на даночни олеснувања. Тоа впрочем јасно и гласно го потврди и Шеќе­ринска: „Имајќи ја предвид определбата на Владата - евро-атлантска интеграција, како и обврските кои про­излегуваат од ССА,  хармо­низацијата на законодавството  со зако­нодавството на Унијата е приоритет на кој сериозно ќе се работи. Во оваа насока сигурно дека и постојната законска регулатива за граѓанските асоцијации и фондации ќе претрпи измени согласно европските стан­дарди, бидејки законот кој е донесен 1998 год, во некои делови не е во согласност со меѓународните принципи. Она што е проблем при евен­туалното воведување на одредени даночни олеснувања за поддршка на невла­диниот сектор се с$ уште широките можности за злоупотреба на овие одредби кои се особено опасни во земји со и онака слаба финансиска дисциплина. Тоа е клучната причина зошто на ваквите предлози се гледа со сомнеж и од страна на надлежното минис­терство, но и од страна на меѓународните финансиски инсти­туции. Затоа, да бидам искрена, мислам дека за отварање на овие можности треба да помине еден период на финансиска и даночна ста­билизација“.

Оттаму, спорадичните проблесоци на партнер­ство меѓу Владата и цивилниот сектор се само фина амбалажа за прикривање на фактот дека (сега засега)  соработката со невладините организации не е ниту приоритет, ниту, пак, вистинска стратешка определба на власта. Ваков став имаат и оние организации кои веќе реализираат (успешни!) зеднички активности со одделни државни институции. Дури и „Транспарентност Македонија“, која е интен­зивно вклучена во владината борба против корупцијата порачува дека „соработката меѓу невладиниот сектор и државните институции во најголем дел е само формална и се сведува  на потребите на владините институции да покажат подготвеност за ваква соработка кога во проектите се вклучени странски инсти­туции“. Сличен став имаат и во Центарот за демократија и безбедност на Институтот „Евро-Балкан“ каде истакнуваат дека „Владата е толку преокупирана со самата себе што повторува една стара грешка, па се затвара и заборава на општествениот †капитал° со кој располага земјата, и без кој нема никаква реформа“.

Примери и искуства има многу, но би рекле највидливи докази за реалниот однос на власта кон невладиниот сектор ни нуди првиот човек на Парламентот, кој арогантно и препотентно постојано ги дисквалификува граѓаните и нивните иницијативи. Доволно е само да се сетиме на неодамнешниот скандал околу неговата бессрамна забрана децата од Дет­скиот парламент  да ја спроведат тра­дицио­налната манифестација на запознавање со работата и улогата на парламентот, со обра­зложение дека тие наводно ќе ја демолираат салата за седници. А оние поупатените добро знаат дека овој некогашен член на Соци­јалистичката младина на Македонија, воопшто не беше среќен ни со идејата комисијата за борба против копрупцијата да ја сочинуваат и претставници од цивилниот сектор. А работата да биде уште пострашна овој млад господин за своите потези не е искритикуван ниту од својата парламентарна група, ниту пак, од партијата на која & припаѓа и која е на власт.

Но, за да не биде цивилниот сектор поисто­ветен со оние „двајца мапет старци“ кои само гледаат сеир и критикуваат, тој во една ваква ситуација на „виртуелно партнерство со власта“ мора дополнително да се активира, да се искоординира и да ја „принуди“ истата таа власт на вистинска продуктивна соработка. Ако Владата нема стратегија, тогаш зошто невладините организации да не ги искористат своите потенцијали и да и’ понудат  соодветен предлог за градење одржливо партнерство? Ако власта нема доверба во граѓанските организации зошто тие преку својот тран­спарентен начин на работа да не и’ покажат дека сомневањата се без основа? Ако власта не создава простор за заедничка работа и дијалог, зошто тоа да не го направат и иницираат невладините организации?

  Впрочем, граѓанскиот активизам постои не за да ја замени државата туку, за да ја принуди да се корегира и да не ги заборава интересите и проблемите на своите граѓани. Состојбата на теренот е позната, илузиите од изборните ветувања се минато, преостанува само гра­ѓанската акција. Така барем пишува во “прирачниците” на долгогодишните успешни невладини активисти ширум светот. 

(Ова е дел од текстот објавен во прилогот „Моќта е во народот“ во „Утрински весник“ на  26.06.2003 год.)