МЕЃУНАРОДЕН КОМИТЕТ НА ЦРВЕНИОТ КРСТ
Со хуманост против војната
Меѓународниот комитет на Црвениот крст – ICRC, со својата хуманитарна помош и другите активности за време на кризата на Македонија директно им овозможи на граѓаните во кризните подрачја полесно поднесување на последиците од кризата. Една од најважните активности на ICRC беше евакуирањето на 336 цивили (до моментот на подготвувањето на нашето списание) од подрачјата каде се водат воени дејствија. Според зборовите на г. Франсоа Штам, раководител на канцеларијата на ICRC во Македонија, за време на осумте посети во селата во кумановско кои се наоѓаат во жариштето на воените конфликти, беа однесени големи количества медицински и хигиенски материјал. Исто така, ICRC во два наврати имаше и директен контакт со киднапираниот војник, на кого му врачи пакети од неговото семејство и од ICRC. Г. Штам ја нагласува добрата соработка на оваа хуманитарна организација со македонските власти. ICRC ја нуди својата асистенција и понатаму за евакуирање на цивилите и за врачување на медицинска хуманитарна помош. Според грубата проценка на оваа организација, во селата кои се наоѓаат во кризното подрачје се наоѓаат околу 10.000 цивили. Голем проблем за овие луѓе, покрај немањето на основните услови за живот, е и информирањето. Иако ICRC ги информира за можностите за евакуирање, тие информации тешко се пренесуваат меѓу селата но и во рамките на едно село. Засега, според проценките на ICRC, нема докази за заразни заболувања во овие села. |