ФОРУМ
ТЕМА ЗА ДЕБАТА
Како влијаат последиците од војната врз нашата работа?
Граѓанските здруженија, како и секој во нашата држава, се погодени од кризата што се случува во нашата држава. Како влијае војната врз работата на здруженијата на граѓани? Како тие се мобилизираат и преструктуираат? Со какви проблеми се соочуваат при реализацијата на редовните активности, и какви нови активности преземаат?
Ве повикуваме да размислувате на оваа тема која е мошне актуелна во граѓанскиот сектор во Македонија. „Граѓански свет” ве поканува да ги изнесете своите мислења, ставови и искуства во текот на овој месец на Форумот отворен на нашите веб-страници (www.graganskisvet.org.mk и www.civicworld.org.mk). Ве молиме во дебатата да учествувате со своето полно име и презиме! Во наредниот број на „Граѓански свет ќе објавиме делови од таа интернет-дебата и ќе ја најавиме темата за наредната. За почеток ви претставуваме мислења на оваа тема на неколку лица активни во граѓанскиот сектор: Ким Мехмети: Сета наша работа е поместена, во државно рамниште. Да зборувате во услови на војна за граѓанско општество, е како да зборувате за апсурден театар. Но, сепак, во секое време секој треба да си ја работи својата работа. И во нашата организација (Центар за мултикултурно разбирање и соработка) си е поместено. Ние работиме на развој на мултукултурата, на соработката, а со оваа војна се виде дека сето тоа е во зачеток. Мултикултурата и соработката се како шлаг на торта, но ако ја немате тортата, апсурдно е да зборувате за шлагот. Савка Тодоровска: Војната и последиците од неа влијаат неминовно врз сите, па и врз работата на невладините организации. Ние во СОЖМ со сите свои сили се трудиме да постигнеме си - и да не ги запоставиме редовните активности од нашата програма, но имаме и нови активности, во согласност со ситуацијата. Работиме максимално мобилно, со цел да & помогнеме на жената-бегалка и на нејзиното семејство. Ги следиме потребите на жените, организираме хуманитарна помош, даваме информации... Кризниот информативен центар на СОЖМ (тел. 220-570) работи нон-стоп, а многу од жените-бегалки и самите се ангажираат во нашата работа и стануваат наши активистки.
|