Музеј на Македонија
Културното наследство, децата и водата
Музејот на Македонија го спроведе проектот „Вклучување на ромското малцинство во едукативните активности на музеите”, со тема „Поврзаноста на културното наследство со водата”. Во проектот се вклучија 20 деца на возраст од 12 до 15 години од скопското основно училиште „Јане Сандански”, кои учествуваа во неколку работилници одржани во Музејот. Тие проследија интерактивни предавања за водата во античките населби, аквадуктите и римските терми, за тврдините и водата, за старите мостови и амами и за водата во руралните средини, чешмите и бунарите. По секое предавање, децата беа поттикнати да извршат креативна репродукција на избраниот споменик. Нивните дела беа изложени во Музејот на Македонија, а изложбата беше свечено отворена на 21 декември 2005 година.
Проектот беше поддржан од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, во рамките на активностите чија цел е да придонесат за развој на нова музејска публика и за вклучување на музејските институции во современите текови.
|
|