Младински лидерски конференции

Победи го непознатото-запознај ги другите

Центарот за менаџмент на конфликти (ЦМК) во соработка со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) – Набљудувачка Мисија во Скопје, од 25 до 27 јануари го одржа четвртиот по ред семинар за справување со конфликти и лидерски вештини. Семинарот е дел од проектот “Победи го непознатото – запознај ги другите!” и ги опфати младите од кумановските средни училишта.

Целта на  овие семинари е да се намалат меѓуетничките тензии и да се елиминира  културата на насилство помеѓу младите во Македонија, преку обезбедување на нови практични животни вештини за: мир, справување со конфликти и нивно ненасилно решавање.

Семинарите веќе ги поминаа средношколците од Струга, Скопје и Тетово, а на напредната конференција ќе учествуваат најдобрите учесници од сите претходни семинари.

По завршувањето на семинарите учесниците ќе имаат можност сами да организираат слични активности во своите училишта. Активностите ќе бидат водени и поддржани од страна на Центарот за менаџмент на конфликти.

Проектот е финансиран од ОБСЕ како и од Советот на Европа и Министерството за образование и наука, а поддржан од средните училишта.

Г.Ј.