„MILIEUKONTAKT OOST-EUROPA”
Развој на еколошкото движење во Македонија
Независната фондација „Milieukontakt Oost-Europa” од Холандија, од септември официјално почна да работи и во Македонија, со отворање на локалната канцеларија во Скопје и стартување на проектот чија долгорочна цел е развивање силно и демократски организирано еколошко движење.
Како што ни рече раководителот на локалната канцеларија за Македонија, Влатко Огњановски, краткорочните цели на овој проект се развивање одредени способности на здруженијата на граѓани кои работат во областа на животната средина, и тоа во поглед на внатрешната организација и раководење, учество на јавноста, формулирање на заедничка стратегија за одржлив развој, контактирање, соработка и размена на информациите и меѓународна соработка.
Проектот во Македонија ќе се спроведува до крајот на оваа година, како пилот-проект, по што ќе се прошири на период од уште четири години, а потоа, евентуално, на уште четири.
Во рамките на инстутуционалниот развој оваа организација веќе оформи тим од тренери и група од осум здруженија на кои ќе им биде одржувана обука (семинари, тренинзи): „Изгрев” од Свети Николе, „Злетовица” од Пробиштип, „Светлина” од Неготино, „Планетум” од Струмица, МАРС од Скопје, „Дешат” од Дебар, „Ареал” од Струга и „Биосфера” од Битола. Во областа на учеството на јавноста, „Милиеуконтакт” меѓу другото ќе работи на имплементацијата на Архуската конвенција во Македонија. Покрај ова, ќе се стимулира соработката меѓу здруженијата на граѓани врз основа на искуствата од другите држави во регионот на централна и источна Европа, а една од активностите ќе биде и следење на активностите и плановите на меѓународните банки за развој и меѓународните инвестициони активности во Македонија, како што е балканскиот Пакт за стабилност.
Покрај советувањата и тренинзите за спроведување на еколошките иницијативи и проекти на здруженијата на граѓани, помошта што ја нуди „Милиеуконтакт” во Македонија се состои и во организација на регионални и национални состаноци, тренинзи, како и помош во обезбедување експертиза, материјални и финансиски средства за спроведување на нивните активности.
Во моментов, „Милиеуконтакт” спроведува програми во 12 држави на централна и источна Европа. Во регионот на југоисточна Европа оваа фондација е активна во Македонија, Романија, Бугарија, Албанија и Хрватска.
|