|
САШО КЛЕКОВСКИ
Поглед кон првиот НВО Саем во Македонија
Овој поглед го пишував во моменти на авторски замор. Комуникациите пред, за време и после првиот НВО Саем во Македонија, ме исцрпеа тематски, односно беше реално дека што и да напишам ќе се повторам, без разлика дали е тоа: што направија граѓанските организации за кризата, или пак, какви се односите со медиумите? Затоа одлучив да фрлам поглед на НВО Саемот, како најважен настан за граѓанските организации.
Првиот НВО Саем се одржа во Скопје во периодот од 23 – 25 октомври 2001 година. На него учествуваа 144 граѓански организации, а 44 пријавија свои претставници само за едукативните сесии и трибините. Покрај тоа, се одржаа и осумнаесет работилници кои беа преполни со заинтересирани граѓани.
Зошто имаше потреба од еден ваков саем? Постојат две групи на причини и тоа внатре, во граѓанскиот сектор и надвор, во јавноста. Веќе подолг временски период се говори за граѓанскиот сектор во Македонија, како за пример на отсуство на меѓусебна комуникација и координација. Тоа е критика која доаѓа од внатре, од самите граѓански организации. Се предлагаа различни модели, главно од типот на редовни месечни координативни состаноци. Од претходното искуство овие типови на состаноци беа со краток здив, и секој следен состанок беше помалку посетен. Проблемот најверојатно се јавува во динамиката и начинот на водење на состаноците и во нивната партиципативност. На крај секој учесник оценува што добива со своето учество. Успешни биле ад-хок групите основани за многу конкретна цел за одреден период како НВО хуманитарната координација која фукционира последните неколку месеци. Таа е поврзана со кризата и има ротирачко претседавање на организациите учеснички. Со добро водење, динамика која одговара на состојбите и вклученост на сите, возможно е да се подобри овој тип на координации. Форма на меѓусебна комуникација се и специјализираните списанија или интернет страни како на пр. Перспективи, Граѓански свет или Манго. Од друга страна е комуникацијата со јавноста, граѓаните и медиумите, како и другите два сектори – јавниот (државниот) и приватниот. Постои потреба од поголема комуникација и информирање, посебно за време на криза, кога се зголемува вниманието и очекувањата врз дел од граѓанските организации (хуманитарните). Саемот, како форма, е одбран од повеќе причини. Саемите се одржуваат еднаш годишно и одговараат на потребите да се презентира што е направено во минатиот и што се плановите за наредниот период. Саемот одговара на учесниците, зошто добиваат максимален простор и време за сопствена презентација, а одговара и на посетителите, зошто можат да ги изберат информациите според своите потреби, односно да ги посетат и контактираат организациите за кои се заинтересирани. Изложбениот дел е наменет за тоа. Бидејќи во тој дел доминира ретроспективата, Саемот беше збогатен со работилници, сесии и трибини кои ги загатнаа перспективите. МЦМС се зафати за организацијата бидејќи тоа се очекуваше од него. За да се истакне соработката, МЦМС ги здружи напорите со ЦРС и ИТЗ. Во организацијата на трибините беа вклучени десетина организации од Македонскиот институт за медиуми, преку Ел Хилал, до Форум. Со тоа се направи максимално вклучување на граѓанските организации во организацијата.
Дали е успешен саемот? Два клучни показатели се поставија за оценување на саемот: бројот на учесници и бројот на посетители. И едниот и другиот ги надминаа очекувањата. Од очекуваните шеесетина организации, учествуваа 144. Во секој момент имаше голем број на посетители. Од ВИП до оние најважните, обичните граѓани. Посебна радост беа групите од внатрешноста кои сами се организирале да го посетат саемот.
Кои се критиките? Веројатно најжестока критика (или критизерство) дојде од еден напис во дневниот весник „Вечер”. Тезите беа: зошто саем, а не собир; со продажба на маици и сл. се личело на панаѓур; и такво нешто не постои никаде во светот. Јас самиот не се срамам и од зборот панаѓур, кој е дел од нашата култура. Продажбата на маици и сл. е основен начин на финансирање на организации како Гринпис (Greenpeace), но и на универзитети. Не треба да се срамиме од чесна работа што може да ја поддржи финансиската независност на граѓанските организации. А дали има саеми или не само да наведам неколку од соседството: Загреб, Хрватска; Белград, Југославија; и последниот во Темишвар, Романија пред околу два месеци. Од самите учесници, дојдоа многу пофалби и повеќе сугестии: Александар палас е премногу формален за граѓанските организации; пролетта е можеби подобар термин за саемот; потребен е повеќе простор итн. Александар палас беше во конкуренција на Скопски саем, Дом на АРМ и сл. Доколку Скопски саем понуди пониски цени, зошто не. Втората сугестија за периодот е вредна за размислување. Ова година, со НВО Саемот сакавме да го прекинеме негативниот тренд предизвикан со кризата и граѓанските организации да ги насочиме кон нивните цели. Јас самиот имав дилема со употребата на терминот НВО Саем, бидејќи во последно време се употребува терминот граѓански организации со кој се промовира ново разбирање на концептот на граѓанско општество. Што понатаму? НВО Саемот се случи. Сега, по првиот пат, полесно ќе биде да се опише за што разговараме. Потребно е НВО Саемот да продолжи како редовен годишен настан. Организаторите сигурно ќе извлечат научени лекции и поуки, и ќе ги вградат во препораки за подобрување на следниот настан. Најверојатно е потребно да се пополни времето помеѓу НВО Саемите. Како граѓанските организации да ја одржат меѓусебаната комуникација и координација? Еден од можните модели е моделот на тркалезни маси на одредени теми или сектори на пр. за законската регулатива и даночната политика; или пак за родови односи, екологија ... Сега сме побогати за уште едно искуство, да го употребиме најкорисно. |