“Пружете му задоволство на шефот!!!”

Деновиве, на телевизиските програми се појави нова реклама, за ново кафе. Претпоставувам веќе сте ја виделе. Секретарката се лизга по маса на стомак и се запира пред шефот со чаша од тоа, новото кафе во рака? Не знам какви чувства ви буди вам, ама јас по првото гледање морав да си ја потприберам вилицата од чудење, згрозување, неверување... како може некому да му падне нешто вакво на памет? Како можеше никому да не му падне на памет да реагира на рекламава?

Рекламните агенции  главно ја користат жената, односно нејзиниот физички изглед за да ја зголемат продажбата на продуктите на нивните клиенти. Сакајќи или несакајќи тие ги портретираат нејзините стереотипни улоги во општеството. Па, постереотипно од ова, здравје! Кои се пораките на рекламава? Жената е едвам способна да биде и секретарка, ни кафето не може без проблеми да го донесе во собата за состаноци (во рекламата таа паѓа носејќи го кафето). Затоа, драги мои дами, не бранувајте и не претендирајте на повисоки позиции!!! Па погледнете ви се молам кој седи на фамозната маса за состаноци: само мажи! Природно зарем не?! А што значи тоа што секретарката е во лежечка положба... Боже драги, зарем тоа не е премногу?

А сепак, изгледа не е. Врв на се е вербалниот дел на рекламата, нејзината експлицитна порака: „пружете му задоволство на шефот”! Двосмислено, тросмислено, колку сакате смислено, грозно! Вакво бетонирање на улогата на жената на работното место, во медиумите, одамна не сме имале прилика да видиме.

Не е прв пат жените да ги прифаќаат наметнатите улоги и без размислување да ги толкуваат. Не само оваа „секретарка”, многу убавици биле и се користат за да се потенцира жената како објект. Но ниту тие што ги толкуваат улогите, ниту гледачките на ваквите реклами изгледа не се свесни за штетата што им се нанесува. За тоа дека ги зацврстуваат стереотипите за жените. За тоа дека нашите деца, утре, ќе имаат исти такви очекувања. За тоа дека ништо нема да се смени ако никој не го побара тоа.

Па белки не очекуваме државата да ни го реши ова прашање. Зошто се декларираме како граѓански активисти ако чекаме таа да ги решава овие прашања. Очекував барем организациите што работат на проблематиката на женските права и достоинство да реагираат на ваквиот третман, ама ништо. Поразително е како оставаме работите да си течат, како да не н$ засегаат нас, како тоа некому друг да му се случува. Далеку од нас.

Деновиве, кога ќе го одбележиме 8-ми Март, не е лошо да се потсетиме за што всушност се бореа Клара Цеткин и Роза Луксембург. Најголемата препрека за еднаквоста на мажите и жените беа токму предрасудите кои се создавани со векови наназад. Оние истите што во секојдневието ни ги повторуваат рекламните пораки, а на кои ние не реагираме.

Помислете на тоа кога ќе ја добиете годишната доза рози, среќен празник!

Гонце Јаковлеска