ПРЕТСТАВУВАЊЕ
ЈА САКАМ ПРИРОДАТА – ГО САКАМ ЖИВОТОТ Универзалниот јазик на природата
Минатиот месец, граѓанскиот свет на Македонија го дополни уште една нова, перспективна невладина организација „Ја сакам природата – го сакам животот”. Оваа организација ќе се бави со едукација на населението, особено на најмладите, за природата, и со јакнење на свеста за животната средина. Но, во нејзината работа ќе има несекојдневно нешто...
- Идејата за основање едно вакво здружение е повеќегодишна. Љубовта спрема децата и спрема природата, за време на целиот мој професионален живот, ме повикуваше да направам нешто за нив, да се обидам да оставам нешто трајно меѓу нив. Мојата професија, наставник по биологија, ми ја нудеше и си уште ми ја нуди можноста најголемиот дел од времето да го поминувам со децата и со природата. Така, пред 13-тина години, се роди мотото кое сега претставува и име на нашата организација. Уште тогаш размислував како трајно да ги зближам децата со природата. „Фосилното” размислување дека ученикот треба да го засака предметот, лично, не го прифаќав. Наместо тоа, ученикот, уште од неговите први школски денови, треба да се научи да ја сака природата. Мислев дека ако секое дете насади по едно дрвце, тоа ќе роди нов живот. Учебникот можеби ќе се промени, можеби ќе биде заборавен. Дрвцето е вековно. И да нагласам нешто... Сите наши сегашни или идни проекти ќе го носат истото име, „Ја сакам природата - го сакам животот” – ни кажа Милунка Пејоска, претседател на организацијата. Сегашниот проект кој го носи, претпоставувате кое име, се очекува да биде реализиран за околу три месеци. Финансиската конструкција на проектот којашто изнесува околу 45.000 германски марки, си уште не е завршена, но се очекува и тие проблеми да бидат надминати. Проектот е филмувана сторија на, како што ни рече менаџерот на организацијата Александра Настеска, универзален јазик, односно без зборување, туку само со слика и со музика во позадината. За другото – нека е изненадување, ни додаде Александра. Организацијата, засега, брои десетина активни и околу 200 други членови, а се застапени сите етнички, религиски и национални припадности во земјава. Во неа членуваат деца од предучилишна возраст до пензионери. Д.М.
|