погледи
Волонтеризмот, директно од терен албански Волонтерски да се работи десет години во НВО - Друштво на родители за грижа за здраво поколение од Велес, е пред сe богато животно искуство, кое треба да се сподели со јавноста, во интерес на подобрување на волонтеризмот во Македонија.
Самиот термин волонтер означува лице, кое доброволно, по сопствена волја и избор, ги нуди своите услуги во корист на други лица, без соодветен финансиски надомест. Изборот да се биде волонтер зависи од самата личност и неговата желба волонтерски да се ангажира и работи за некоја граѓанска организација, најчесто раководен од сопственото чувство на исполнетост, корисна и хумана ангажираност, но и присутна мотивација и поттик, која е суштината и причината за човековите активности во која било област на дејствување и работење.
Меѓу членовите во нашата организација, а верувам ќе се идентификуваат и други, има неколку категории волонтери:
Краткотрајни, или подобро речено, волонтери - симпатизери на здружението, кои ќе се вклучат во една транспарентна акција, давајќи свој придонес, а потоа се повлекуваат, со образложенија дека немаат доволно слободно време и имаат други ангажмани (најчесто тоа се вработени членови во некоја фирма или организација);
Волонтери, кои не се вработени, имаат слободно време и даваат свој придонес во организацијата, со повеќе активности, но ако не им биде вреднуван трудот, преку, пред сe, основните материјални трошоци или проектни активности, губат интерес и мотивација, и се повлекуваат;
Мал број волонтери, кои континуирано придонесуваат во организацијата, затоа што биле вклучени во нејзиното основање, па на некој начин емотивно се врзани за организацијата и нејзиниот опстанок, со веќе пронајдени механизми за реализација на мисијата на здружението и задоволување на своите интереси и ентузијазам;
Волонтери, деца и младинци од подмладокот на нашето здружение, (за мене најважната категорија волонтери), кои учествуваат во сите активности на здружението наменети за нивната возраст и способности, со искрен ентузијазам и неисцрпна пулсирачка детско-младинска енергија. Прекрасно е чувството на исполнетост, гордост и одговорност, кога младите генерации го прифаќаат вашето искуство и знаење, го надополнуваат и ви возвраќаат со вистински вредности на патот на нивната зрелост. Придобивките од волонтеризмот кај децата и младите, се позитивни и значајни за развојот на нивната личност. Тие корисно го исполнуваат слободното време со едукативно-рекреативни содржини и активности и со свесност дека помагаат и придонесуваат за организацијата и пошироката заедница.
Како опстојуваат НВО повеќе години и како се одвива привлекувањето на нови волонтери и членови? Сметам дека без добра мотивација и интерес, но и соодветна законска правна рамка, волонтеризмот е од краткотраен карактер. Следејќи ги и соработувајќи со повеќе волонтери за изминативе 10 години, ги предлагам следниве решенија за развивање на волонтеризмот, како неминовна потреба за развој и одржливост на граѓанскиот сектор, како дел од развојот на самата локална самоуправа и држава:
Постоење на соодветна законска регулатива за правниот статус на волонтерското работење, и практична примена на Законот за волонтерство, од страна на надлежните структури;
Зголемена транспарентност за улогата на волонтеризмот и придобивките од истиот за развојот на граѓанското општество и граѓанскиот сектор, преку локални и национални лоби-кампањи;
Зголемена соработка со локалните и владини институции во делот на користење на волонтерски услуги од стручните потенцијали на НВО. Во контекст на овој предлог, сакам да истакнам дека волонтерите што се вклучени во реализација на активности од важност за развојот на локалната или поширока општествена заедница, треба да добијат препораки од соодветната локална или владина институција, која понатаму ќе им послужи во нивното ЦВ (пр. за вработување, добивање стипендии за школување, развој во нивната кариера и сл.);
Поттикнување и поддршка на евробалкански волонтерски невладини иницијативи (со вклучување и поддршка на македонски и европски фондации, НВО и претставници од локалната самоуправа и владини институции) со цел размена на искуства, градење на партнерска соработка и заеднички активности за поддршка на развојот на волонтеризмот.
|
|