На Скопскиот универзитет

Промовиран Центарот за јазици и обука

Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје на 18 јануари го промовира Универзитетскиот центар за јазици и обука, основан во соработка со Грчко-американскиот универзитет и Грчко-американската унија со седиште во Атина, застапници на програмата на Универзитетот во Мичиген за доделување уверенија за комплетноста во областа на англискиот јазик.

„Оваа соработка ќе дава можност за континуирана обука и напредок на академските кадри, размена на знаење и искуства и заедничка работа во разновидни области. Главната цел за основање на Универзитетскиот центар е тој континуирано да придонесува за продлабочување на постојаниот квалитет при изучување на странските јазици”, рече на промоцијата Љубица Шутуркова, проректор за меѓународна соработка при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј”. Таа истакна дека Центарот ќе дава образовни, научни и стручни услуги од областа на странските јазици, ќе овозможува стекнување универзитетски сертификати и ќе промовира и обезбедува научни и стручни услуги со висок квалитет. Амбасадорката на Република Грција во Република Македонија, Александра Пападополу, го изрази задоволството од соработката на двете земји и рече дека иднината на Македонија и на Грција зависи од младите, а образованието е единствен начин да ја подготви младината за следните години. Таа додаде дека нејзината земја е подготвена да & помогне на Македонија и ќе стори с$ што е во нивните капацитети.

„Универзитетот ’Свети Кирил и Методиј’ ќе формира повеќе центри во кои ќе се извршува дополнителна дејност. На овој начин им излегуваме во пресрет на потребите на оние категории клиенти кои не се редовни студенти. Кога се во прашање јазиците, потребата за доедукација е актуелна и мислам дека ова е вистински потег за да ги оствариме сите такви барања”, изјави ректорот на Скопскиот универзитет, Ѓорѓи Мартиновски.

МИА