ОЖ СВЕТИ НИКОЛЕ ЖЕЛБА ЗА МЕЃУСЕБНО ЗАПОЗНАВАЊЕ
Свети Николе, иако мала општина, сепак може да се нарече “мал Балкан” затоа што во неа покрај Македонци, живеат и Власи, Роми, Турци, Срби и други националности. Оттаму и идејата на Организацијата на жените од Свети Николе да подготви еден проект за соживот меѓу Мекедонците, Власите и Ромите. Во проектот се вклучени Организацијата на Ромите од Свети Николе и Граѓанската иницијатива на жените Влаинки, а во соработка со Фондацијата Институт отворено општество - Македонија, белгиската фондација Крал Бодуен и американската фондација “Чарлс Стјуарт Мот”. Целта на проектот е меѓусебно запознавање со културните вредности на овие народи, како и подетално информирање за историјата, традицијата, обичаите и нивниот фолклор. - Иако во оваа општина нема меѓуетнички тензии, сепак се чувствува потребата од поблиско меѓусебно запознавање - вели претседателката на ОЖ од Свети Николе, г-ѓа Вера Златева. За таа цел се предвидени повеќе активности како: организирање ликовна изложба, на која ќе бидат презентирани слики од повеќе автори Македонци, Власи и Роми, заедничка поетска вечер, изложба на традиционални, автентични ракотворби, настап на фолклорни здруженија и многу други слични активности. Предвидено е проектот да трае 6 месеци.
Ј. Михаилова
|