Албанија
Награди за новинарство за правата на децата

Центарот за заштита на правата на децата во Албанија - ЦРЦА  организира церемонија каде им ја додели Наградата за новинарство за правата на децата во Албанија 2005 година на тројца новинари и  го објави конкурсот за Наградата за новинарство за правата на децата во земјата во 2006 г.

Добитници на Наградата за новинарство за минатата година се: Холта Жити (ТВ Топ ченел), Арбен Мука (Радио Дојче веле) и Дениса Џога (Дневен весник „Телеграф”).

Целта на оваа награда е подигање на свеста на пишаните и електронските медиуми за подобро прикажување на праша­њето на правата на децата, создавање поголем простор за нив во медиумите, како и зголемување на етиката на медиумите во прикажувањето на прашањето на децата.

Г.Ш. извор: oneworld


Хрватска
Етиката во високото образование

Студентите на Универзитетот во Загреб го покренаа проектот ЕВО (Етиката во високото образование), чија цел е борба и сузбивање на корупцијата и секаков друг облик на неправда што ги погодува поединците, организациите и институциите во Хрватска.

Проектот ги опфаќа студентите, професорите, но и сите други кои сакаат да помогнат во остварувањето на поправедно, поквалитетно и етичко општество. За подобра едукација и информирање на сите заинтересирани учесници во процесот на високото образование, во склоп на проектот ЕВО ќе се одржат низа предавања и јавни трибини на Универзитетот во Загреб, каде поединците ќе добијат прилика да  продискутираат за актуелните проблеми, каде ќе се потрудат да ги одредат темелните проблеми.

Г.Ш. извор: oneworld


Босна и Херцеговина
Објавен список на политичките партии коишто ја потпишале Граѓанската платформа

На конференцијата за медиумите што ја организира граѓанското движење ГРОЗД беше објавен списокот на политичките партии коишто ја потпишале Изјавата за прифаќање на „Граѓанската платформа”, како и списокот на партии коишто не го направиле тоа.

Граѓанската платформа ја прифатиле 35 политички партии, меѓу кои и 10 партии што се во Парламентот. Со прифаќањето на Граѓанската платформа политичките партии се обврзале дека во нивните предизборни програми ќе понудат одговор на прашањата како планираат да ги решат 12-те барања на граѓаните  и дека по изборите со своето дејствување во законодавството и во извршната власт приоритетно ќе работат на спроведувањето на 12-те цели на „Граѓанската платформа”.

Барањата ги усвоиле и поддржале над 400 претставници на невладини организации, пензионери, синдикати, здруженија на невработени, здруженија на млади, жени, земјоделски произведувачи, а својот потпис го ставиле и околу 400.000 граѓани на БиХ. 

 

Босна и Херцеговина
Наградата за развој на волонтерството на Цвјетана Плавша-Матиќ

The South East Europian South Network – Мрежата на организации на млади од Југоисточна Европа, на 21 септември ги додели годишните награди за волонтерство. Регионалната награда за развој на волонтерството и беше доделена на директорката на Националната фондација за развој на цивилното општетство, Цвјетана Плавша-Матиќ.

Директорката на фондацијата Цвјетана Плавша-Матиќ за оваа награда беше номинирана од Волонтерскиот центар Загреб со образложение дека добитничката Плавша-Матиќ низ својата работа и институционално делување придонесе за развојот на волонтерсвото во Хрватска. Наградата и беше доделена на денот на волонтеризмот во Сарајево. 

Г.Ш. извор: oneworld