погледи
Визниот режим меѓу Македонија и Албанија е парадоксален албански Во оваа прилика сакам да го запознаам граѓанинот на Македонија со една „парадоксална ситуација”, која се случува и ден денес, во 21 век, а за која многу малку се знае во македонската јавност.
Парадоксот е наречен визен режим меѓу Р. Македонија и Р. Албанија. Имено, режимот е поставен така што државјанин на Македонија со албанска националност може да ја помине границата без никаков трошок, додека државјаните на РМ кои се од македонска националност за да ја поминат границата треба да издвојат 10 евра. Реципрочни мерки има и од другата страна на границата, за влез во РМ државјанин на Албанија со македонска националност не плаќа ништо, додека албанскиот државјанин со албанска националност треба да плати 10 евра.
Некои од вас може и нема да верувате дека денес, во 21 век, се прави ваква дискриминација која ги иритира засегнатите страни. Не знам во што е причината за тоа, ај да сме едните црни, другите бели, или сме со две глави, или на крајот на краиштата небаре едните се побогати од другите. Причината којашто се спомнува дека секој бесплатно влегува во својата матична земја (Македонец од Албанија во Македонија и Албанец од Македонија во Албанија) за мене и за повеќето граѓани што се засегнати со овој проблем не е на место.
Оваа бариера којашто е вештачки направена од страна на двете држави не претставува само лоша политичка бариера, туку во исто време претставува и економска и културна бариера.
Денес овој проблем н$ засега многу, посебно сега кога Македонија, како држава со сите свои расположливи средства, се бори за визно олеснување со земјите од Европската Унија, а паралелно со тоа со нејзиниот западен сосед води дискриминаторкска визна политика, а истото го прави и Република Албанија.
Граѓанскиот сектор од двете страни на границата со години реагира да се исправи оваа неправда. Рака на срце, во пресрет на оваа иницијатива добивме голема поддршка од страна на градоначалникот на Дебар, Аргетим Фида, и од градоначалникот на соседната општина Пешкопеја (Р. Албанија), Илир Кроси.
Со цел да се укине оваа контроверзна одлука од страна на двете влади, неколку здруженија на граѓани од двете страни на границата, заедно со градоначалниците на горенаведените општини, потпишаа декларација за укинување на оваа бариера којашто беше доставена до двете влади, но за жал с$ уште нема ни трага ни глас за решавање на овој проблем.
Гоце Љубиновски (авторот на текстот е проект-координатор на Центарот за одржлив развој на заедницата Дебар)
|