ВО КРУшЕВО

Прославен Националниот ден на Власите

Лигата на Власите од Македонија, заедно со влашкото здружение „Никола Бацарија“, во Крушево организираа Свечена академија, со што беше одбележан Националниот ден на Власите – 23 мај. Гостите, меѓу кои Власи и нивни пријатели од цела Македонија, прет­ставници на политички партии и невла­дини организации, имаа можност да про­следат богата културно-уметничка програма. Деле­гација на влашките здруженија од Маке­донија положи свежо цвеќе на спо­мениците на Питу Гули, Никола Карев и на Мечкин камен. По повод Националниот ден на Власите, во Скопје беше организирана изложба под наслов „Од староградските влашки одаи“, а претставници на Власите имаа средба со премиерот Бранко Црвен­ковски и претседателот на Собранието, Никола Поповски.

На 23 мај 1905 година, Власите за прв пат биле признаени како посебен народ – Милет, од страна на турскиот султан Абдул Хамид II, кој донесе посебен документ, Ираде, со кој на Власите им се гарантира правото на влашки училишта во нивните комуни со влашки училишни инспектори и право на цркви и книги на свој мајчин јазик. Оваа прокламација била испратена до министерот за правосудство и култура Абдурахман, кој со специјален указ „ТЕСКЕРЕ“, го вери­фикувал документот ИРАДЕ, со цел правата на Власите да не бидат попречувани од никого. Текстот на документот „Ираде“ бил објавен во сите весници во Константинопол, а во 1906 година Власите предложиле 23 мај да се слави како Нацио­нален ден. Но, по Првата светска војна сите културни ин­ституции биле затворени, а Националниот ден повеќе не се прославувал. Со демо­кратските процеси во Македонија, по по­долга пауза, Власите за прв пат го про­славија Националниот ден на 23 мај 1989 година, на влашките гробишта во Битола. Оттогаш наваму, овој ден се прославува секоја година.       

Ј.М.