Социјална одговорност
Систем за оценка на Владата, е-ГАМЕС
Со цел да се промовира интеракција меѓу граѓаните и јавната администрација и да се овозможи оценка и мерење на работата на јавната администрација, од 2004-тата година унгарската влада воспостави софистициран интернет-форум наречен е-ГАМЕС (е-ГАМЕС - е-Говернмент Ассессмент, Меасуринг анд Евалуатион Сѕстем), кој е интегриран во владиниот интернет-портал. За да го користат форумот, граѓаните пристапуваат на владиниот веб-портал и се регистрираат. За да се обезбеди најсоодветна услуга, дефинирани се правила за неговото користење:
Корисниците не смеат да бидат анонимни и треба да се идентификуваат со нивните вистински имиња. Ова осигурува дека корисниците се свесни дека форумот е форма на партиципативно управување и ги обврзува и корисниците да бидат одговорни за содржината на нивните контрибуции;
- Корисниците можат да ги оценуваат доставените коментари со позитивни и негативни поени, приложувајќи соодветно образложение. Собирањето на поените и образложенијата обезбедува слика за јавното мислење во однос на одредено прашање;
- Бројот на оценки и образложенија кон одредена тема оформува индекс на нејзината популарност;
- Кога е обезбеден надворешен модератор на дебатите, тие се секогаш јавни и он-лајн;
- Јавните службеници можат да бидат корисници, но не можат да ги коментираат изнесените мислења.
За функционирањето на форумот внимателно е дефинирана законска рамка со цел да се обезбеди рамнотежа на заштитата на податоците и слобода на изразувањето.
ВИП-личности (како што се високи претставници на јавната администрација и политичари) редовно се канат да бидат достапни на линија за граѓаните во однапред утврдено време. Нивните одговори за време на овие сесии исто така можат да бидат оценувани од корисниците.
За остварувањето на оваа иницијатива не се одредуваат посебни буџетски средства, туку се користат постоечките ресурси како и за владиниот портал. Од друга страна, и самите корисници немаат значајни трошоци, освен да си обезбедат пристап до интернет и да се регистрираат. Со регистрацијата тие редовно се информираат за престојните дебати и можат да учествуваат во нив.
Форумот претставува едноставна и достапна алатка на Владата за да ги прибере и земе предвид грижите на граѓаните. Тој помага во одредувањето на приоритетите на владината политика. Поврзувањето до форумот е: www.magyarorszag.hu/parbeszed_egames.html
Социјалната одговорност концепциски Светската банка ја дефинира како пристап кон подобрување на отвореноста и одговорноста на власта, потпирајќи се на граѓански ангажман во кој граѓаните или граѓанските организации учествуваат директно или индиректно во воспоставувањето одговорни практики. Тука може да се подразбере, на пример: граѓанско учество во јавната политика, партиципативно буџетирање, независна буџетска анализа, надгледување на јавната потрошувачка, надгледување на јавните услуги, граѓански советодавни одбори и др.
|
|