ИНТЕРВЈУ 

СУАД МИСИНИ, ИНФОРМАТИВЕН ЦЕНТАР ЗА ГРАЃАНСКО ОПШТЕСТВО Стратешка цел: за остварување на човековите права не треба да се оди во Стразбур!


За начинот на кој во Македонија се остваруваат човековите права , за неразбирањето на суштината на човековите права, за долгиот пат што треба да се изоди за да се релизираат правата што законски ги имаме, за битките на сите "слугу Јернеји"од нашиве простори и времиња, разговараме со извршниот директор на Информативниот центар за граѓанско општество.


Маријана Иванова

Информативниот центар за граѓанско општество е една од малкуте невладини организации од Македонија кои се посветени на заштитата и унапредувањето на човековите права.
Во месецот кој го содржи меѓународниот датум посветен на човековите права, разговаравме со извршниот директор на Центарот, г. Суад Мисини - за начинот на кој во Македонија се остваруваат човековите права, за долгиот пат што треба да се изоди за да се реализираат правата што инаку законски ги имаме, за соработката со Европскиот суд за човекови права, со Омбудсманот, за тоа зошто Центарот (со посебен мотив) не учествуваше во одбележувањето на Денот на човековите права (10 декември), за битките на сите “слуги Јернеји” од нашиве простори и времиња...

Г.С. - Зошто Информативниот центар за граѓанско општество немаше активности за одбележување на Денот на човековите права?
С.М. - Па, за разлика од претходните години, токму тоа беше нашата главна цел - да не се направи ништо на Денот на човековите права. Во нашава држава на сите им е полна устата со човековите права, а ретко кој нешто работи на нивното унапредување, па дури и ретко кој разбира што всушност се подразбира под тоа. Човековите права се користат како фраза кога тоа некому му е потребно - еве, најсвеж пример е неодамнешната конференција за печат на ВМРО-ДПМНЕ, на која тие изразија незадоволство поради тоа што затворските услови за еден од нивните членови, кој е притворен, не се добри. Па тие имаа четири години да ги подобрат условите во затворите! Така беше и со минатата власт, кога СДСМ премина во опозиција, а истата приказна е и сега. Човековите права различно се чувствуваат и различно се сфаќаат, а најчесто не се ни сфаќаат. Кога зборувате за човековите права, повеќето луѓе мислат дека зборувате за Албанците, за малцинствата, за... а се нема разбирање и знаење, а често ниту волја за суштината на проблемот.

Г.С. - Што вие, како здружение на граѓани, правите да ја надминете таа состојба на неразбирање и на кој начин делувате за заштитата и унапредувањето на човековите права?
С.М. - Секторот за човекови права е главниот столб на делување на Информативниот центар за граѓанско општество. Во овој сектор, работиме на три сегменти: прв е едукацијата и тренинзите за човековите права, а притоа, целни групи ни се од средношколци, па с$ до адвокати и судии. Вториот сегмент е лобирањето и застапувањето, а третиот - директната заштита, која опфаќа бесплатна правна помош што им се дава на граѓаните на Р. Македонија, како и на лицата кои бараат азил, бегалци или баратели на државјански статус - жртви на процесите на дисолуција и сукцесија на овие простори. Помошта на граѓаните им ја даваме во случаи на флагрантно кршење на човековите права од страна на институциите на државата, односно во случаи на тортура, пречекорување на овластувањата, нефер судска постапка и слично. Нашата активност во сите овие три сегменти има и меѓународна димензија, и тука работиме, исто така, во три сегменти: првиот е Советот на Европа и неговите институции и конвенции, со посебен осврт на Европскиот суд за човекови права. Потоа, нашиот Центар е имплементациски партнер на UNHCHR (Високиот комесаријат на ООН за човекови права) - ова тело на ООН има петгодишен договор за техничка соработка со Република Македонија, а две од димензиите на таа соработка треба да ги спроведуваме ние. И, третиот сегмент на меѓународната димензија е соработката со UNHCR (Високиот комесаријат на ООН за бегалци). Во врска со последново, ние сме координативна агенција на националната мрежа составена од седум НВО кои даваат бесплатна правна помош на бегалци, азиланти и баратели на државјански статус.

Г.С. - Како се остваруваат човековите права во Македонија - на хартија и во пракса?
С.М. - Па, прашањето на човековите права во Македонија може да се набљудува од два аспекта. Од аспект на административна и законска процедура, состојбата не е премногу лоша. Нашите законски акти кои го регулираат ова прашање не се совршени, но се релативно добри. Но, има огромна дискрепанца во однос на спроведувањето на законската регулатива во пракса. Во практиката, човековите права се судираат со разни прекршувања, недоследности, со сите проблеми на судството - од неговата зависност и пребукираност, па с$ до корумпираноста. Уште пред да се дојде до судството, се судираат со обвинителството, кое ретко покренува постапки по службена должност. Суштински проблем е дека кај нас, судската власт не е она што треба да претставува, дека полицијата с$ уште во одредени случаи спроведува насилие - тоа е наследена пракса на полицијата и најефикасен начин за добивање признанија од обвинетиот. А за тоа најчесто нема судска или друга разврска. Неодамна имаше случај на дете кое работи на улица - ги мие шофершајбните на крстосниците, кое беше обвинето за кражба и претепано од полицијата, а за тоа немаше реакција од компетентните органи.

Г.С. - Дали вашиот центар застапува такви, слични и поинакви случаи, и со каков резултат?
С.М. - Да, ние застапуваме случаи како овој, но пред домашното судство нема којзнае каква разрешница, а постапките се влечат со години. Но, кога фазата на постапка пред домашните судови ќе заврши, по потреба покренуваме друга фаза - пред меѓународните судови. Во таквите случаи има многу поголеми резултати. Имавме неколку случаи на протерување луѓе за кои интервениравме пред Европскиот суд во Стразбур и кои беа позитивно решени. Во правото постои норма дека лицата кои бараат азил или друг вид заштита не смеат  да бидат вратени во матичната земја ако таму е доведена во прашање нивната безбедност или живот - во врска со ова, македонската држава пред извесно време сакаше да врати група бегалци назад во Косово, иако таму постоеше опасност за нивната безбедност. Ние интервениравме преку Судот во Стразбур, судската одлука на национално ниво беше изменета и луѓето во тој момент не беа протерани. Блиску соработуваме и со г-ѓа Маргарита Цаца-Николовска, судија во Европскиот суд за човекови права, која беше и едукаторка на последната серија од нашите семинари за практична примена на Европската конвенција за човекови права. Во нашиот центар имаме извонреден експерт за Европската конвенција за човекови права - г. Зоран Гаврилоски, кој е еден од најголемите експерти во Македонија на ова поле. Во тесна соработка сме и со Комитетот против тортура на Советот на Европа, како и со специјалниот известувач за тортура на ООН. Сите случаи на тортура се процесираат од нивна страна.

Г.С. - Дали соработувате и со домашните институции кои се “борат” на истиот фронт, на пример, со Омбудсманот?
С.М. - Со Омбудсманот, г. Бранко Наумовски и со неговите соработници имаме одлична соработка. Ние од самиот почеток и секаде ја промовираме нивната работа и според мое мислење, оваа Институција сега работи многу подобро од порано. Еден од поголемите проблеми е во тоа што државните институции најчесто ја одвиваат соработката со Омбудсманот, а Законот за Омбудсман тоа на извесен начин и го овозможува, бидејќи е непрецизен, недоречен, може да се толкува различно. Во моментов, почнуваме да соработуваме со Омбудсманот за промена на овој закон.

Г.С. - Речиси незабележително во македонските медиуми помина една, инаку спектакуларна вест - за еден случај на остварување на човековите права, со ваша помош, а остварен пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Како “Слугата Јернеј” од нашиве простори и времиња ја доби својата правда? Како г-ѓа Јанева успеа да го добие спорот против македонската држава?
С.М. - Па, приказната накусо оди вака: извесен господин Јанев од Штип пред 10-ина години бил отпуштен од работа и тој својата правда ја побарал пред македонските судови. Во меѓувреме починал, а потрагата по правда ја продолжила неговата сопруга, г-ѓа Јанева. Таа имала среќа да ангажира добар адвокат, г. Трајче Торов од Штип. Тој беше на неколку од нашите бројни обуки за примена на Европската конвенција кои ги имавме за различни целни групи, меѓу кои и за адвокатите. Во врска со овој случај тој стапи во контакт со колегата  Зоран Гаврилоски и со негова помош, се обрати до Европскиот суд во Стразбур. Случајот го презеде Европскиот суд, бидејќи имаше индиции дека се работи за прекршување на правото на судска постапка во разумен рок и, во еден момент Владата, увидувајќи дека ќе го загуби спорот, предложи спогодба за надомест на штета на г. Јанева. Се преговараше и Европскиот суд ја верификува постигнатата спогодба меѓу двете страни: државата Македонија треба на г-ѓа Јанева да & исплати обештетување од 77.000 евра. Ова е пример на остварување на човековите права, кој охрабрува и претставува прв поголем успех пред оваа институција на просторите на некогашна Југославија. Се надевам дека такви случаи во иднина брзо и ефикасно ќе се решаваат и пред македонските судови. Нашата визија е ефикасно остварување на човековите права гарантирани од Уставот и законите на Р. Македонија дома, а не во Стразбур, што би претставувало еден од суштинските показатели на цивилизацискиот развој на нашето општество. Поставувањето на судството на своето вистинско место претставува еден од есенцијалните услови за остварување на оваа цел.