МЛАДИНСКИ СОЈУЗ – КРУШЕВО И МЛАДИНСКИ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР – БИТОЛА

Илинден прославен и со младинските пораки за толеранција

Две здруженија на граѓани ја имаа честа да учествуваат во официјалната програма на прославата на 100-годишнината на Илин­денското востание во Крушево, на 21 јули и 1 август годинава.

Младинскиот сојуз од Крушево  и Младинскиот културен центар од Битола, со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија, спроведоа интересна културно-уметничка програма, која привлече внимание кај пошироката јавност со својата оригиналност и квалитетот на изведбите.

Еден од најинтересните настани беше Европ­ската младинска конференција со наслов „Европски вредности и толеранција на Бал­канот”, што се одржа од 28 јули до 1 август, а на која учествуваа околу 150 млади луѓе од Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Србија и Црна Гора, Хрватска, Словенија, Шведска, Белгија, Италија и други европски држави. Финалниот документ од оваа конференција, Европската младинска декларација, беше промовиран јавно, на крушевскиот плоштад, на први август.

- Сакавме барем еден ден, крушевскиот плоштад да наликува на плоштадите на градовите во развиениот дел на Европа. Исто така, са­кавме да ја пренесеме по­раката дека Македонија е еден од стожерите на европ­ските вредности, ци­вили­зација и култура, а Илин­денското востание е еден од клоучните настани што го потврдуваат тоа. Кру­шев­скиот манифест е де­кла­рација на слободоумноста, толеранцијата и соживотот на сите македонски граѓани, кон што и ние се стремиме денес, ни рече г. Методија Стојчевски од Младинскиот сојуз од Крушево.

По читањето на Европската младинска декла­рација, на плоштадот се одржа уличен театар со пантомима, проследен со цртање графити.


Претходната ноќ, на замирањето на последниот јулски ден, настапија Гудачкиот квартет Арто и групата Фолтин од Битола, а во крушевскиот амбиент се слушна фламенго-гитарата на Томислав Нешковски од Куманово.

М.И.