Погледи

Состојбата со злоупотребата на дроги е драматична 

Во нашата држава покрај многуте негативни збиднувања, кои претставуваат наше секој­дневие, а н$ засегаат како граѓани, родители, пријатели итн., една маркантна состојба ни ги боде очите, не фрла во очај и н$ тера да размислиме како да се справиме со неа. Имено, станува збор за масовната злоу­потреба на дрогата и другите пси­хотропни супстанции, со посебен акцент на интра­венските корисници, кои, за жал, во одделни региони во државата имаат заземено нагорен тренд до епидемиски размери.

Штетните последици по здравјето на корисниците и можноста за ширење на ХИВ/СИДА, хепатит и други заболувања, само уште повеќе ја драматизираат целокупната слика во мојот град Битола, во мојата држава Македонија, во регионот.

Значи станува збор за глобален проблем каде не е на нападнато само биолошкото битие, туку и социјалното и психолошкото. Како НВО може да се справи со оваа чума на 21 век, која го напаѓа и руши најкревкото, најпер­спективното ткиво на нашата држава - младоста. Како и зошто државата и нејзините институции реагираат или треба да реагираат на оваа несакана појава? Како присутните меѓународни фактори во државата реагираат и треба да реагираат колку заради нас толку, и заради нив самите? (“Ти правам добро за да ми биде добро” - Ниче.)

Уште пред 2,5 години во рамките на проектот за намалување на штетите од употреба на дроги, насловен како: “ХИВ/СИДА превенција помеѓу корисниците на дроги и лицата со ризично сексуално однесување во Битола”, а во соработка со “ХОПС” - Скопје и “ИЗБОР” - Струмица (чиешто драгоцено искуство и соработка ни го олесни отпочнувањето на проектот и во соработка и супервизија на ИХРД од Њујорк), “ВИА ВИТА” од Битола ја започна макотрпната теренска работа на размена на опрема и нејзино уништување. Во неа се вклучени двајца теренски работ­ници и еден социјален работник како одговорен за теренската работа. Проектот го водат двајца координатори - психолог и психијатар.

На почетокот изгледаше дека работите се едноставни, но кога ќе се соочите со тежината и длабочината на проблемот ќе видите во колку ситуации сте беспомошни. Како што се одвиваше проектот така и тимот стекнуваше искуство, како од директното работење, така и од семинарите и размената на искуства со другите невладини и владини институции. Голата размена на опрема и нивното уништување не значеше дека сме ја завршиле работата, иако  тоа претставува значајна работа. Напротив, се јави потребата за бесплатно и анонимно тестирање  и советување за ХИВ/СИДА и хепатит, за што државата, односно ресорното министерство обезбеди можност во рамките на заводите за здравствена заштита, кое непречено се одвива.

Потребата од бесплатно и анонимно тести­рање за присуство на дроги кај младите станува с$ поевидентна и во иднина треба да се изнајде решение слично како ова претходното. Со оглед на тоа дека соци­јалниот статус на корисниците на дрога во најголем случај е нерешен, се јавува потреба од законска регулатива со што би се решил нивниот статус. Ресоцијализацијата и обезбедувањето пристојно место за нивно собирање, само е делумно реализирано.

И на крајот, доаѓаме до проблемот на медицинскиот третман на интравенските корисници кој е регулиран единствено во Центарот на зависности во Кисела Вода во Скопје, каде имаат обучени тимови, но се недоволни за да ги задоволат нараснатите барања, што раѓа потреба од отворање вакви или слични центри за метадонски третман, со што би се олеснал пристапот на заинте­ресираните. Сето тоа се случува во соработка и контрола на Центарот за зависности во Кисела Вода. Заради тоа е покрената ини­цијатива во соработка со Светската здрав­ствена организација и со Министерството за здравство, за да создадеме можност во Битола да се отвори Центар за советување и лекување на зависници од дроги.

Во очекување сме дека средствата од Фондот Глобал, кој се исклучиво наменети за решавање на овој проблем, брзо ефикасно и правилно ќе се распоредат во Република Македонија со што ќе се овозможи непре­чено одвивање на овие проекти. Потребата од поголемо вмрежување на НВО во држа­вата, нивната соработка со регионалните центри (имаме соработка со Р. Бугарија), перманентна едукација на здравствениот и другиот персонал како што беше и досега, е насушна потреба. Не е нескромно ако кажеме дека лавовскиот дел од проблемите, кај интравенските корисници, го работи невладиниот сектор и на тој начин како партнер на државните институции помага во намалување и разрешување на одделни состојби.

Постојат многубројни приоритети во нашата држава и во регионот, меѓутоа еден од значајните приоритети за разрешување на овој проблем е целокупниот ангажман на невладините организации и владините институции, односно отворање фронт во битката со оваа непосакувана состојба. 
                                                               

д-р Омер Сулејман
Центар за развој на граѓанското општество ВИА ВИТА – Битола