календар
7 април: Светски ден за здравјето
Светскиот ден на здравјето и оваа година ќе биде посветен на глобалните заболувања, наркоманијата и потребата на светската популација да и се обезбедат услови за нормален, здрав живот, надминувајќи ја сиромаштијата и еколошките проблеми. Светскиот ден на здравјето е инициран од ООН.
8 април: Ден на Ромите
Светскиот ден на Ромите, 8 април, е посветен на проблемите и правата на оваа популација низ светот. Во првата година на Ромската декада, прославата на овој ден повикува на намалување на сиромаштијата меѓу Ромите и остварување на нивното право на едукација, здравствена заштита и другите права.
18 април: Меѓународен ден на спомениците
Спомениците се сведоци на нашето минато, а овој ден, посветен на спомениците и споменичните места низ светот, потсетува на потребата тие да се чуваат и почитуваат. Посетете го најблискиот споменик, исчистете ја неговата околина и поставете цвет сеќавајќи се на минатото.
22 април: Ден на планетата Земја
Во повеќето држави од светот, Денот на планетата Земја е ден на граѓански акции и манифестации посветени на заштитата на нашиот глобален дом. На овој ден, владите, индустријата и целото општество треба да се потсетат дека сите имаме еден, заеднички дом, и дека тој зависи од сите нас.
23 април: Ден на книгата и авторското право
Да се прошири културата на читањето и да се заштитат авторските права, е генералното мото на овој ден, кој се прославува секоја година. Прочитајте книга и почитувајте го неприкосновеното авторство, и тоа не само на овој ден.
|