Граѓанска платформа на Македонија
Промовирани четири нови изданија
Првата детска амбасада во светот „Меѓаши” на 21 јануари, во хотелот „Континентал”, промовира четири изданија кои се резултат од активностите во рамките на Граѓанската платформа на Македонија, односно дел од проектот „Поддршка на националниот граѓански форум/платформа”. Изданијата „Водич за примена на законот за донации и спонзорства во јавните дејности и други даночни закони”, „Годишен билтен на Граѓанската платформа на Македонија” и двата дела на прирачниците „Позитивни примери на граѓанското општество во Македонија”, ги претставија Драги Змијанац, извршен директор на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши”, Сашо Клековски, извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка и Горан Величковски, главен и одговорен уредник на „Позитивни примери на граѓанското општество во Македонија”.
Во однос на „Водичот за примена на законот за донации и спонзорства”, Змијанац ја истакна улогата на Владата во функција на мотивирање и стимулирање на социјално одговорниот бизнис, така што со помош на граѓанскиот сектор успешно е донесен закон за донации и спонзорства на јавните дејности. Функцијата на „Водичот” е да ги запознае организациите од граѓанскиот сектор, но и компаниите кои остваруваат добивка со својата работа, која е процедурата за склучување на донаторски договор и на тој начин да ја остварат својата социјална мисија во општеството.
На промоцијата беше истакнато дека во изработката на „Годишниот билтен на ГПМ” учествувале 29 граѓански организации-членки на Платформата, и дека истиот е финансиран од Европската агенција за реконструкција. Во прирачниците „Позитивни примери на граѓанското општество во Македонија 1 и 2” се става акцент на граѓанските организации кои со својата работа и реализацијата на сопствената мисија и функција во општеството даваат позитивен пример за начинот, организацијата и функционирањето на граѓанскиот сектор во Македонија. Во прирачниците се сместени успешните приказни за триесетина граѓански организации.
Т.Д.
|
|