НАСТАНИ 

ЖИВОТНА СРЕДИНА  


ИНТЕРВЈУ: ТОНИ ЈОВАНОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДЕМ

Со граѓански притисок можеме да сториме многу

 Поради ситуацијата во која се наоѓа Македонија, некои активности ги префрламе во други региони, се преструктуираме, а ги убедуваме финансиерите и волонтерите дека Македонија не е опасна за работа – вели новиот претседател на Движењето на екологистите на Македонија Движењето на екологистите на Македонија, една од најголемите чадор-организации кај нас (има 30 редовни и 16 придружни членки), на своето последно годишно собрание избра нов претседател – Тони Јовановски, правник од Битола, кој доаѓа од Движењето за околина „Молика”. Тоа беше повод за интервју со г. Јовановски.

Г.С. - Какви нови предизвици носи оваа нова позиција?
Т.Ј. – Предизвиците се поврзани и со постојните, и со новите планови – како тие да се реализираат и да се развијат поуспешно. Планови имаме на повеќе нивоа – од едукација на најмладите, преку поголемо учество на јавноста во донесување на одлуките, па си до законите и нивното спроведување. Не е си во домен на невладините организации, посебно кога станува збор за спроведување и донесување на законите, но со граѓански притисок можеме да сториме многу - да ја мотивираме државната управа да ги донесе потребните закони или пак да ги смени старите. ДЕМ и неговите членки со свои иницијативи придонесоа за измени и осовременување на повеќе стари закони речиси во сите области – водите, почвата, аерозагадувањето.
На становиште сме дека треба да бидеме копродуктивен партнер но и најостар критичар на Министерството за животна средина и просторно планирање.


Г.С. – На кои проекти ќе работи ДЕМ во наредниот период?
Т.Ј. – ДЕМ е партнер на повеќе организации од Балканот и Европа и натаму ќе ја развиваме таа соработка. Во моментов, се договараме за соработка со „Зелена акција” од Хрватска, „Млади истраживачи” од Србија и „Зелени Балкани” од Бугарија, за формирање НВО-мрежа за соработка и заедничко делување, како дел од програмата РЕРЕП. Исто така, и подмладокот на ДЕМ работи на полето на соработката меѓу НВО од бившите југословенски простори со цел да постигне зближување и да иницира нови акции и проекти.
Во тек е и проектот со организацијата „Пронатура” кој се однесува на две нивоа, како и други тековни проекти.

Г.С. – Како ДЕМ ја почувствува, како здружение на граѓани, кризата во која се наоѓа Македонија?
Т.Ј. – Одредени активности на ДЕМ беа забавени, некои се и во мирување, но брзо се прилагодуваме на ситуацијата. Некои активности ги префрламе во други региони, се преструктуираме. Ги убедуваме финансиерите и волонтерите дека Македонија не е опасна за работа. Имавме апели од координативниот и извршниот совет, уште пред повеќе од два месеци, да се спречи уништувањето на природното богатство и културните споменици на Македонија, посебно Матејче, како и за решавање на водоснабдувањето во кумановско-карадачкиот регион. Тие беа упатени до претседателот на Република Македонија, до Владата и меѓународните организации.
ДЕМ, секако, е подготвен да учествува во утврдување на штетите врз животната средина и другите активности за санирање на состојбата на животната средина.

М.Иванова