Екологија

Се селектира отпад во општина Карпош

Проектот на УСАИД за рециклирање пластика обезбеди 30.000 американски долари за спроведување на општинската програма за примарно собирање и селекција на пластика и хартија во општината Карпош.

Проектот започна да се реализира во почетокот на февруари во дел од населението кое живее во индивидуални куќи во населбата Тафталиџе 2. Средствата, донирани од УСАИД, се искористени за набавување комунална опрема, ќесиња во различни бои за селекција на отпадот, како и за спроведување јавна кампања за подигнување на јавната свест во врска со рециклирањето на пластиката и хартијата. Во иднина, врз основа на искуството од спроведувањето на овој проект, ќе биде основана национална асоцијација на рециклатори ПЕТ и информативан центар за ПЕТ.

Во рамките на проектот, жителите на населбата Тафталиџе 2, во сините ќеси ќе собираат хартија, а во жолтите пластика. Предвидено е пилот-проектот да трае до крајот на годинава. Отпадот ќе го собира „Комунална хигиена”, а за селектираната хартија е заинтересирана фабриката за рециклирање „Комуна”. На јавен повик ќе се избере фирма која ќе ја рециклира ПЕТ-пластиката.

С.Н.