Истражување

Граѓаните не ги знаат своите права како пациенти

Над 65 проценти од македонските граѓани не ги побарале своите права како пациенти, мислејќи дека не можат да ги остварат, околу 18 проценти веруваат дека во случај на потреба можат да ги остварат правата, а само нешто повеќе од 10 проценти во одредени случаи ги оствариле своите права како пациенти. Ова го покажаа резултатите од истражувањето на проектот “Пациентите во Македонија со право на европски стандарди”, поддржан од ФИООМ, а спроведен од МИА - Здружение за здравствена просветеност и унапредување на здравјето. “Осумдесет и два процента од испитаниците сметаат дека треба да ги остварат своите права, 56 проценти не знаат да набројат кои се тие, додека речиси 10 проценти не знаат дека воопшто ги имаат”, вели претседателката на МИА, Весна Велиќ-Стефановска.

Според истражувањето, речиси половина од испитаниците не се воопшто задоволни од добиената здравствена грижа, а само на 17,7 проценти од нив, услугите од здравствените служби им биле секогаш достапни.

“Генералниот став на над 70 проценти од испитаниците е дека здравствената заштита не е секогаш прилагодена на потребите на пациентите. Околу 60 проценти, пак, се изјасниле дека само понекогаш им бил дозволен пристап до нивните лични медицински информации, додека 20 проценти никогаш не ги ни добиле”, смета Велиќ-Стефановска. Таа потенцира дека е потребно решавање на овој проблем, за што како решение го спомена формирањето  омбудсман во секоја здравствена организација чија задача би била да посредува во комуникацијата меѓу пациентите и лекарите.

Ж.Ѓ.