интервју: МЕЛИТА ИВАНОВА, ПРОЕКТ-МЕНАЏЕР НА ПРОГРАМАТА ЗА ОСУМ ЦЕНТРИ ЗА ПОДДРШКА НА НВО

Верувам во оваа земја и нејзините луѓе

Мелита Иванова е една од оние рет­ки млади луѓе кои, по неколку­го­дишна работа во странство, одлу­чи да се врати дома, со желба она што го научила да го пренесе и да го примени во својата држава.

Мелита 5 години работеше во седиш­­тето на Регионалниот цен­тар за животна средина во Унга­ри­ја. Нејзиното искуство со коорди­на­ци­јата на 15 национални канце­ларии на РЕЦ во Централна и Ис­точ­на Европа беше важен момент кога Европската агенција за рекон­струк­ција (ЕАР) и Фондацијата Ин­сти­тут отворено општество (ФИООМ) селектираа кандидати за работното место координатор на осумте нови центри за поддршка на невладините организации во Македонија.

Изминатите два-три месеци овие центри почнаа со работа, придру­жувајќи им се на четирите веќе постојни вакви центри на ФИООМ. Со Мелита разговараме за цен­три­те и нивната улога, за нејзиното искус­тво од едногодишната работа во својата земја, и како во сето тоа се вклопува нејзиното претходно “гастарбајтерско” искуство…

Во кои градови се отворија цен­три за поддршка на НВО и зошто токму таму? Која е нивната улога?
Во Јуни 2003 година ФИООМ и ЕАР го започнаа проектот  “Поддршка на граѓанското општество - Зајак­ну­ва­ње на НВО: Центри за поддршка на НВО во социјално и економски неразвиените области во Македонија”. Дебар, Делчево, Кратово, Неготино, Гевгелија, Ре­сен, Струга и Струмица се дома­ќини на осумте нови центри за поддршка на НВО. Овие градови до скоро не беа во фокусот на интересот на донаторската заед­ница, па со овој проект сакаме да ја поправима таа “грешка” и да дадеме поддршка за развој на ка­па­ци­тетите на граѓанските органи­зации, да иницираме  регионални мрежи на НВО и да ја подобриме комуникацијата и соработката со локал­ните власти. Корисници на цен­трите се НВО, неформални групи, заедници и општини. Цен­три­те нудат логистичка поддршка, библиотека, информации,  финан­сиска поддршка,  информации за дона­тори, објави на тендери, апли­кации. Планираме и серија обуки за подобрување на знаењата и веш­тините на НВО на различни те­ми. Центрите ќе работат и на вмре­жување и поврзување на НВО на локално и регионално ниво, како и со властите, медиумите и бизнис-секторот. Преку програмата за грантови се планира доделувања грантови за институционален развој на НВО. Во рамките на овој про­ект се вработени 18 локални координатори (2-3 во секој центар).

Како го прифати отворањето на центрите јавноста - вклучувајќи ги, покрај НВО и граѓаните, бизнис-секторот, локалните власти и  институции и другите субјекти?
Уште на првите средби проектот беше прифатен многу позитивно. Локалните власти беа задоволни поради изборот на нивниот град и изразија подготвеност за сора­бот­ка а организа­циите ја искажаа потребата за постоење на ваков вид центри и со нетрпение го чекаа нивното официјално стартување. На отворањата дојдоа прет­ста­в­ници на сите потенцијални кори­с­ници на центрите; имавме чест градоначалниците, заедно со престав­ниците на ФИООМ и ЕАР,  свечено да ги отворат центрите, а локал­ните и националните меди­уми ги обележија овие настани.

Кои потреби беа идентификувани во подготвителните активности?
Во почетната фаза ги иденти­фику­вавме потребите и проблемите на НВО од овие заедници: недоволен проток на информации за финан­сирање, обуки, кампањи; лими­ти­рани обуки; потреба за неформално место за средби, за силна мрежа на НВО и за подобра координација во секторот; созда­ва­ње база за успешно лобирање и посре­дување. Со работата на центрите се планира овие недостатоци да се премостат.

На кој начин може да се искористи или пренесе искуството од работата на четирите центри во Прилеп, Велес, Штип и Кичево?
Во рамките на ФИООМ од 2000 година работат 4 центри за поддршка на НВО, финансирани од Швајцарската агенција за развој. Искуството од овие центри се покажа како катализатор за развојот на граѓанскиот сектор во овие градови и региони. Нивните искуства во развојот на граѓанското општество се искористија во формирањето на новите центри, а се планира и понатаму да се развива сора­ботка помеѓу центрите и координаторите со организирање заеднички средби и поврзу­вање на НВО од сите овие 12 града.

На кој начин Вашето искуство од работата во РЕЦ во Унгарија го применивте во овој проект?
Пет и пол години работев во тимот за коорди­­­нацијата на 15 национални канце­ларии на РЕЦ, прво како проектен коорди­натор за пет национални канце­ларии, а пос­ле­дните две и пол години и како шеф на тимот за координација. Пред Унгарија, рабо­тев како претставник на РЕЦ за Македонија, така што работата ми е позната од сите аспект­и: организирање, спрове­дување и коорди­нација на актив­нос­тите на локално ниво. Човечкиот фактор, како и во секоја работа, е најзначаен - мотивирачки тим кој работи со голем елан, способност, креатив­ност и пожртвуваност. Драго ми е што на­шиот тим и сите 18 локални координатори го остварија тоа достиг­ну­ва­ње.

Дали се каете што се вративте?
 Имав привилегија и задоволство да живеам во еден од најубавите градови на Европа и да работам во меѓународна организација која ми даде можност да се развијам не са­мо како личност, туку и како професионалец. Овие пет години и сите пријателства што  ги остварив таму ќе останат еден од најубавите периоди на мојот живот. Но, Унгарија никогаш не била мој дом. Одлуката за враќа­ње­то беше моја и во ниеден момент не се покајав што се вратив, бидејќи длабоко верувам во квалитетите и иднината на моја­та земја и на нејзините жители.

М.И.