Коментар: Владимир Лазовски
Заедно за подобро општество
Разговарајќи неформално со група пријатели за состојбата и за проблемите на Ромите во Македонија, што во последните две години е предмет на мојот ангажман во невладиниот сектор, се обидував да споделам дел од моите сознанија за животот и за тешкотиите на еден дел од населението во земјава. Коментарот на еден од пријателите: “Тоа не е мој проблем, тоа е нивни проблем!”, покрај тоа што го прекинав разговорот, ме наведе на размислување за вредностите во нашето општество.
Периодот на транзиција кон демократија и граѓанско општество во Македонија трае повеќе од една деценија. Транзиционот пат се покажа болен, трнлив и исклучително долг, барајќи од сите нас заедно, како општество, и од сите нас поединечно, како индивидуи, како граѓани, да изградиме нови вредности и да воспоставиме нови општествени односи на сите нивоа.
Во изминатиот период, во земјата се воспоставија основните институционални рамки за функционирање на една демократска и граѓанска држава со пазарна економија, вклучувајќи и појава и развој на невладиниот сектор.
Воспоставувањето на новите вредности е потешкиот дел од патот и, разбирливо, патувањето трае подолго и е речиси исто толку тешко и напорно, колку што е неминовно. Отфрлањето, дури и неселективното отфрлање, на с$ што потсетува на претходниот систем, беше, секако, полесниот дел од работата. Градењето нови вредности и нови односи е предизвикот пред македонското општество, и покрај релативно широката согласност за основните принципи и постулати на новото општество.
Всушност, вистинскиот предизвик е промената на свеста на граѓаните за општествените проблеми и за сопствената улога во општеството. Промена, што, како граѓани, нема да ја направиме учејќи наизуст умни мисли и теории за граѓанското општество и демократијата, за да ги “изрецитираме” во соодветни прилики, како што некогаш сме ги рецитирале денес веќе заборавените стихотворби од основно училиште; туку, напротив, промена што ќе ја почувствуваме во нас и ќе ја примениме во сопствениот живот и во сопственото однесување. Промена што ќе не натера да сватиме дека слободата подразбира одговорност: одговорност кон себе, одговорност кон другите околу себе и одговорност кон пошироката заедница.
Во тој процес на градење нови општествени вредности, од исклучителна важност е да се оддаде признание на позитивните примери, на пионерите кои храбро го пробиваат патот, без оглед во кој општествен сектор тие делуваат.
Трета година по ред, дел од луѓето кои се вложуваат себеси во поддршката на демократските вредности, на граѓанското општество и на одржливиот развој, беа заслужено прогласени за добитници на Наградата за граѓанско општество и демократија и на Наградата за одржлив развој, што ги доделува МЦМС. Наградите се резултат на нивната посветеност, на вербата во подобар свет и на способноста да ги препознаат и “туѓите” проблеми како свои. Фактот, пак, дека меѓу добитниците имаше претставници на јавниот, на државниот и на приватниот (бизнис) секторот, како и на медиумите, јасно укажува дека општествените промени може да настанат само како резултат на заедничките напори на трите сектори, на сите нас заедно.
Признанијата за вложениот труд и напорот се особено значајни, бидејќи во процесот на градење нови општествени вредности, покрај заедничкиот ангажман, од клучно значење е и вербата во успехот. Токму тоа најдобро го илустрира претставничката на една од организациите - добитник на признание, велејќи при доделувањето на наградите: “Дозволете ми да ви се обратам како прва меѓу еднаквите од оние жени коишто несомнено имаат иста верба, која н$ спојува веќе три години. Една верба дека во Македонија може да се живее и поинаку и поубаво, и подобро…” (Лилјана Поповска од Македонското женско лоби).
Промовирањето на проактивен пристап во решавањето на проблемите на заедницата и на вербата дека заедничките цели можат да се постигнат е еден од главните предизвици на невладините организации во наредниот период. Граѓанските организации треба упорно да подаваат рака за партнерство на државните институции, на приватниот сектор, на медиумите, на граѓанинот, за сите заеднички да ги вратиме оптимизмот и вербата дека можеме.
Општеството е една голема заедница, во која проблемите се поврзани како систем на сврзани садови. Она општество кое не може да смогне сили да се справи со маргинализацијата и нетолеранцијата внатре во себе, кое не почива на демократски и хумани вредности, не може никогаш да стане просперитетно граѓанско општество.
Затоа, проблемите на Ромите, проблемите на невработените, проблемите на стечајците, на лицата со посебни потреби, проблемите на социјално загрозените семејства на жените, на земјоделците, на велешани, на учениците и студентите, на … се наши проблеми. Само со идентификување со реалните проблеми и потреби, само со заедничко разбирање и заложби ќе успееме да ги надминеме тешкотиите и да изградиме подобро и посреќно општество, базирано на личниот интегритет, слободата и одговорноста на граѓанинот.
За доброто на сите нас заедно и на секој од нас поединечно.
Се надевам дека разговорот што го споменав на почетокот од текстот наскоро ќе биде продолжен.
Владимир Лазовски
|