Никица Кусиникова
Не купувајте производи тестирани врз животни
Професионално искуство
Како амбициозен дипломиран инженер по електроника и телекомуникации пред 14 години почнав со реализација на мојата голема желба да работам во светот на телевизијата. По неколку години и согледана бесперспективност, започнав да работам на странски развојни програми, во најголем дел поврзани со развојот на граѓанското општество. Во меѓувреме ја дополнив мојата инженерска диплома со европски мастер по компаративен локален развој. Како еден од основачите, денес работам во Центарот за институционален развој (ЦИРа) на поттикнување на домашната филантропија.
Ангажирање во граѓанскиот сектор
Започнав во студентските денови во Сојузот на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, во средината на деведесеттите станав волонтер и активист во Друштвото за заштита на животните „Срна” од Скопје каде членувам до ден-денес. Мојот професионален ангажман во граѓанскиот сектор започна во 2000 година кога станав дел од Програмата за демократска соработка на Институтот за трајни заедници.
Хоби и интереси
Мојата голема страст се патувањата, макар и на два дена. Исто така сум голем вљубеник на склопување сложувалки.
Најтешка одлука
Најтешката одлука која досега сум морала да ја донесам беше пресвртот во кариерата од инженерска работа во развој. Тоа беше вистинска одлука за која никогаш не зажалив.
Амбиции
Во животот би сакала да придонесам светот (или барем дел од него) да биде поправедно и поубаво место за живеење за сите.
Во слободното време чита
Современа литература, списанија, многу често материјали кои од работа си ги носам дома.
Каде оди во слободното време
Посетувам часови по италијански јазик и вежбам аеробик. По интензивниот работен ден, сакам да се опуштам и често по работа со колегите одиме на кафе во некое кафуле.
За време на викендите
Кога не патувам, викендот ми има доста стандардизиран тек. Во сабота со пријателите го пијам дневното кафе во центарот на градот, потоа ручек со родителите... Неделите се резервирани само за мене.
Кој национален/локален проблем го смета за особено важен и зошто?
Непочитување на законите, пасивноста и недостатокот на лична одговорност за развојот на земјата. Неодговорниот однос кон заедничкото.
Кој глобален проблем го смета за особено важен и зошто?
Глобалното затоплување и генерално загадувањето на животната средина. Втор проблем кој би го издвоила е сиромаштијата во светот.
Што би променил/а во Македонија и во светот?
Делењето на „табори” ние - добрите и праведните и тие - лошите кои сакаат да ни наштетат.
Совет/порака
Би им препорачала на читателите да бидат одговорни купувачи и да не купуваат/употребуваат производи (козметички и за домаќинство) кои се тестирани врз животни. Оние кои се заинтересирани за дополнителни информации, можат да ги добијат на http://www.peta.org и http://www.prijatelji-zivotinja.hr/index.hr.php?id=80
Никогаш не би можел/а
Доколку не е прашање на живот и смрт, никогаш не би можела да носам крзно, кожни јакни и чанти и не би можела повторно да јадам месо.
|
|